Вкупната вредност на извозот на стоки, во првиот квартал годинава изнесува 1.735.738.000 долари и бележи пораст од 7,7 проценти во однос на истиот период лани, објави денеска Државниот завод за статистика.
Вредноста на увeзената стока, првото тримесечие од годинава изнесува 2.256.298.000 долари, што е за 2,8 проценти повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговскиот дефицит, во периодот јануари – март годинава, изнесува 520.560.000 долари. Покриеноста на увозот со извоз, за истиот период изнесува 76,9 проценти.
Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови.
Во увозот, пак, најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и керамичките производи за лабораториска, хемиска и индустриска употреба.
Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, во првиот квартал годинава најмногу сме тргувале со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Италија.