Мета.мк со предавања за лажни вести и дезинформации е дел од фестивалот за млади „Џифони Македонија“

На стотици млади од различни држави денеска во 17 часот Мета.мк ќе одржи предавање за дезинформациите и лажните вести и начините на кои тие се шират, особено во интернет просторот. Посебен фокус ќе биде ставен на тоа како младите луѓе да ги препознаат и да се борат против лажните вести

Фото: Џифони Македонија

Новинската агенција Мета.мк денеска ќе биде дел од 11. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“, на кој учествуваат стотици млади луѓе од различни држави во светот. Како придружен дел од фестивалот предвидени се работилници и мастер часови на различни теми, а Мета.мк ќе биде дел од овој младински настан.

Заменик-уредничката во Мета.мк, Мери Јордановска и Деспина Ковачевска, медиа мониторинг специјалист во Фондацијата „Метаморфозис“, на младите слушатели во 17 часот ќе им презентираат предавање во однос на дезинформациите и лажните вести и начините на кои тие се шират, особено во интернет просторот. Обуката ќе има едукативен карактер, со цел младите да дознаат како да ги препознаат дезинформациите и како самите да се научат да вршат едноставни проверки на факти, наместо информациите што се шират низ сајбер просторот да ги земаат „здраво за готово“.

Фестивалот „Џифони Македонија“ беше отворен на 5 октомври и ќе трае до 10 октомври во Младинскиот културен центар (МКЦ). На отворањето се обрати Андреа Силвестри, амбасадор на Република Италија кој им порача на младите дека ова е уникатна можност да се дружат, да патуваат преку магијата на филмот и да ги изразат своите идеи.

„Џифони Македонија“ е поддржан од Џифони Експириенс, Агенцијата за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, Град Скопје, МКЦ, Кинотека на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и бројни институционални и приватни поддржувачи.

Мета.мк во следниот период одржува уште два важни настана кои ги засегнуваат младите, но и целата јавност.

Вебинарот „Жешките еко-точки низ новинарска призма“ ќе се одржи на 10 октомври, во вторник, со почеток од 11 часот. На онлајн настанот, професорот Трајче Стафилов од Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет ќе говори за тоа зошто се опасни жешките еколошки точки по човековото здравје и животната средина, на кој начин треба да постапат надлежните власти кон ублажување на штетните последици и кои мерки треба да се преземат за нивна санација. Досегашното новинарско искуство од известувањето за жешките еколошки точки на вебинарот ќе го споделат главниот уредник на новинската агенција Мета.мк Бојан Блажевски, новинарката на Мета.мк Сања Наумовска и новинарот на Порталб.мк Фисник Џелили.

На 10 октомври ќе се одржи вебинарот „Жешките еко-точки низ новинарска призма“

На 19 октомври, пак, во „Netaville“ во Скопје ќе се одржи настанот „Сајбер Шејк“ – дискусија за млади на тема „Дали телефонот те прислушкува?“.

Настанот е во организација на „Метаморфозис“ во соработка со организацијата IESC, а со поддршка на УСАИД. Организаторите најавуваат „разговор што ќе ве натера на размислување“, а кој ќе навлезе подлабоко во доменот на прислушкувањето од страна на паметните телефони и ќе ги расветли клучните улоги што ги играат дигиталниот маркетинг, социјалните медиуми и инфлуенсерите.

Дали телефонот те прислушкува? – „Сајбер Шејк“ дискусија за млади на 19 октомври во Скопје

Покрај ова, новинската агенција Мета.мк денеска го распишува и Конкурсот за краток хорор расказ по повод празникот „Halloween“, односно „Ноќта на вештерките“. Конкурсот се објавува четврта година по ред, а исто како и минатата година, се организира во соработка со издавачката куќа „Антолог“.

Сите млади хорор ентузијасти ќе имаат можност да ги испраќаат своите дела до 28 октомври. За тројцата победници се предвидени награди – ваучери за книги.

Конкурс за краток хорор расказ на македонски јазик за „Ноќта на вештерките“