Дали телефонот те прислушкува? – „Сајбер Шејк“ дискусија за млади на 19 октомври во Скопје

Организаторите најавуваат „разговор што ќе ве натера на размислување“, а кој ќе навлезе подлабоко во доменот на прислушкувањето од страна на паметните телефони

На 19 октомври во „Netaville“ во Скопје ќе се одржи настанот „Сајбер Шејк“ – дискусија за млади на тема „Дали телефонот те прислушкува?“.

Настанот е во организација на Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со поддршка на Активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, имплементирана од организацијата IESC во партнерство со Младинскиот образовен форум (МОФ) и CEED Hub Skopje.

Организаторите најавуваат „разговор што ќе ве натера на размислување“, а кој ќе навлезе подлабоко во доменот на прислушкувањето од страна на паметните телефони и ќе ги расветли клучните улоги што ги играат дигиталниот маркетинг, социјалните медиуми и инфлуенсерите.

Што значи тоа телефонот да те „прислушкува“ и зошто оваа тема е важна денес? Дали и какви податоци најчесто собира паметниот телефон за тебе и како овие податоци се искористени од страна на технолошките компании? Како функционираат гласовните асистенти како „Сири“ и „Гугл Асистент“ и во кој момент почнуваат да го слушаат и препознаваат твојот глас? – ова се само дел од прашањата кои ќе бидат одговорени на „Сајбер Шејк“ настанот, на кој се очекува учество на младите.

Дискусијата започнува во 17 часот и 30 минути, а говорниците ќе бидат објавени наскоро. Повеќе информации може да се најдат на Фејсбук настанот на овој линк.