Конкурс за краток хорор расказ на македонски јазик за „Ноќта на вештерките“

Во расказите треба да доминираат морничави и мистериозни случувања во кои се опишува натприродното, необјаснивото и непознатото. Наградените дела ќе бидат одбрани според морничавоста на темата, креативноста и оригиналноста, како и правилното користење на македонскиот литературен јазик

Четврта година по ред, во пресрет на празникот „Halloween“ или „Ноќ на вештерките“, кој се одбележува на 31 октомври, новинската агенција Мета.мк објавува Конкурс за краток хорор расказ. Годинава конкурсот повторно го организираме во соработка со Книжевниот центар „Антолог“.

Право на учество на конкурсот имаат сите млади лица на возраст од 16 до 29 години.

Трудовите треба да бидат ваши и оригинални, односно не смеат да бидат преземени или копирани од веќе објавени приказни во каков било вид домашни или странски медиуми. Не е дозволено учество со содржини напишани и копирани од генеративна вештачка интелигенција, односно од чет-ботови како „ChatGPT“ или „Бард“.

Во расказите треба да доминираат морничави и мистериозни случувања во кои се опишуваат натприродното, необјаснивото и непознатото или пак се истражуваат темните аспекти на човековата психологија.

Расказите не треба да бидат подолги од 100 реда (три страници во Word документ, напишани со фонт Arial и големина на фонт 14). Расказите треба да бидат напишани на македонски литературен јазик.

Кратките раскази се испраќаат на адресата [email protected] со назнака „Конкурс за краток хорор расказ“ најдоцна до 28 октомври, сабота, до 12:00 часот напладне.

Во пораката наведете ваши податоци – име, презиме, возраст, контакт телефон, како и псевдоним под кој би сакале да биде објавен расказот.

Нема ограничување во однос на бројот на раскази што еден учесник може да ги испрати, а еден автор може да биде добитник само на една награда.

Кратките раскази ќе ги оценува комисија составена од новинари и уредници во новинската агенција „Мета.мк“ и Книжевниот центар „Антолог“. Наградените раскази ќе бидат одбрани според морничавоста на темата, креативноста и оригиналноста, како и правилното користење на македонскиот литературен јазик.

Авторите на трите најдобри и најстрашни раскази ќе добијат ваучери за книги и тоа:

Прва награда – ваучер во износ од 2.000 денари;

Втора награда – ваучер во износ од 1.000 денари;

Трета награда – ваучер во износ од 500 денари.

Резултатите од Конкурсот и трите победнички раскази ќе бидат објавени на 31 октомври, вторник, на интернет-страницата и на каналите на Мета.мк на социјалните мрежи.

Организаторите на конкурсот го задржуваат правото да ги објават и останатите пристигнати раскази во договор со авторите.