Отворен 11. Џифони Македонија: Не престанувајте да сонувате, им порача италијанскиот амбасадор Силвестри на младите

До 10 октомври ќе се одржува 11. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“. Вчера на отворањето млада публика го запоседна гледалиштето во киното „Милениум“ - уживаа и во проекцијата на филмот „Вратената“ на Џузепе Бонито, снимен според роман кој е преведен и на македонски јазик

Фото: Џифони Македонија

Имате уникатна можност да патувате преку магијата на филмот, да ги изразите вашите идеи и да го споделите со вашите блиски она што ќе го искусите и научите тука. Не престанувајте да сонувате, оти соништата се остваруваат. Пред сѐ, забавувајте се!

Ова им го порача синоќа на стотици млади, Андреа Силвестри, амбасадор на Република Италија на отворањето на 11. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“ во киното „Милениум“.

Млада публика го запоседна гледалиштето во киното, а уживаа и во проекцијата на филмот „Вратената“ на Џузепе Бонито, снимен според роман којшто е преведен и на македонски јазик.

Фото: Џифони Македонија

Амбасадорот Силвестри вчера се потсети како пред три години за прв пат се качил на сцената пред учесници на фестивалот, во 2021 година, во време на пандемијата, кога капацитетот на салата бил 30 отсто.

„Тогаш глетката од бината беше многу поинаква. Среќен сум што гледам толку среќни лица со големи очекувања и соништа. Годинава славиме 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи помеѓу Италија и Северна Македонија, и по тој повод имаме серија настани од најразлични области – литература, музика, гастрономија… Без сомнеж, една од тие области е филмот. Филмот го славиме преку Џифони, за што сме му благодарни на Клаудио Губитози, кој пред 53 години го креирал фестивалот, а пред 11 години го избрал Скопје за да го прошири и надвор од Италија“, посочи Силвестри.

Андреа Силвестри / Фото: Џифони Македонија

Дарко Башески, директор на фестивалот им порача на „џифонци“ да се дружат и да се забавуваат.

Програмската директорка на фестивалот, Деа Крстевска ја издвои новината на фестивалот годинава, а тоа е програмскиот сегмент ЕПИК, што е поддржан од Министерството за надворешни работи на Италија.

„Станува збор за проект што сака да покаже дека уметноста е совршена алатка преку која можат да се пратат важни пораки од и кон младите, пораки за мир во регионот и во светот и пораки против насилство и дискриминација на каква било основа. Но дружејќи се со вас деновиве, се уверивме дека и нема потреба да ве подучуваме за овие вредности, вие веќе ги чувствувате за свои и ги споделувате. Овој фестивал има едукативен карактер. Но и вие имате што да ги научите возрасните. Затоа, употребете ги креативните вештини што ќе ги стекнете на работилниците за да им покажете на сите дека наследените конфликти и предрасуди што ги наметнува општеството не се дел од вашата иднина“, рече таа.

Утрово стотици средношколци се упатија кон Младинскиот културен центар, каде што им започнува програмата. Ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, ќе ги започнат своите работилници, а во 17 часот ќе следува средба со тимот на популарните Filmthusiast.

Фестивалот „Џифони Македонија“ е поддржан од Џифони Експириенс, Агенција за филм, италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка, Град Скопје, МКЦ, Кинотека на Македонија, Амбасадата на Италија во Скопје и бројни институционални и приватни поддржувачи.