fbpx

Мета факт: Реконструкцијата на спортската сала „Партизан“ во Карпош е во завршна фаза

Овој спортски објект со години наназад беше разурнат, а со средства од буџетот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), салата „Партизан“ почна да се реконструира во април 2022 година и во моментов овој проект се наоѓа во тек на реализација

-

Култната спортска сала „Партизан“ во скопската населба Карпош 3 во моментов интензивно се реконструира и се наоѓа во завршна фаза на реализација. Овој спортски објект со години наназад беше разурнат, иако е донација од француската влада по скопскиот земјотрес од 1963 година. Со средства од буџетот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), салата „Партизан“ почна да се реконструира во април 2022 година и во моментов овој проект се наоѓа во тек на реализација.

„Со севкупната обнова го враќаме првичниот сјај и функционалност на оваа спортска сала која е гордост за Карпош и за која се врзани дел од најубавите спомени на голем број скопјани. Токму тука се родија и афирмираа плејада спортисти во различни спортски дисциплини. Како Влада која сериозен дел од својот фокус определува за млади и спорт, а водени од важноста која ја има овој објект преку АМС инвестираме 69,5 милиони денари државни средства за да може „Партизан“ да биде целосно современо функционално уредено спортско игралиште. За да го вратиме некогашниот дух на спортски ентузијазам и да создадеме уште едно место за спортски активности на младите и на сите граѓани“, изјави премиерот Димитар Ковачевски на почетокот на градежните работи на 21 април 2022 година.

Спортската сала „Партизан“ со години наназад беше целосно напуштена, без прозорци и врати, оставена на заборав на времето. Дури и поранешниот француски амбасадор Кристијан Тимоние на 21 февруари 2019 година беше во посета на „Партизан“ за да се запознае со состојбата во која се наоѓа донираниот објект од Франција. СДК.МК тогаш пишувал дека сопственик на спортската сала е приватен партнер и дека во тек била постапка за раскинување на договорот, со цел Владата да ја даде спортската сала во владение на Општина Карпош.

Општина Карпош во есента 2021 година ја доби назад во владение спортската сала „Партизан“, по што во април 2022 година започнаа градежните активности за целосна санација на овој спортски објект.

Од Агенцијата за млади и спорт за Мета.мк велат дека реконструкцијата на спортската сала „Партизан“ е во завршна фаза.

„Во моментот се мести подлогата на подовите во салата и истата се приклучува на водоводна, канализациона и електрична мрежа. По завршување на овие активности ќе се изврши технички прием, доколку нема забелешки на техничкиот прием истата ќе биде предадена во владение на општина Карпош“, се наведува во одговорот од Агенцијата за млади и спорт.

Од Агенцијата за млади и спорт очекуваат дека доколку не наидат на проблем при обезбедување на приклучоците, спортската сала „Партизан“ ќе биде пуштена во употреба на крајот од месец октомви или на почетокот од ноември годинава.

Инаку, вредноста на реконструкцијата на спортската сала „Партизан изнесува 69.495.606 денари, согласно договорот за реконструкција склучен со изведувачот на градежните работи, СПЕКТАР ТЕРМО Скопје. Средствата се обезбедени од буџетот на Агенцијата за млади и спорт.

Премиерот Димитар Ковачевски на 14 септември 2023 година изврши увид во градежните работи на спортската сала „Партизан“, при што посочи дека привршуваат работите на комплетната реконструкција на салата „Партизан“ кои би требало да завршат до октомври. Тогаш тој го означи и почетокот на изградбата на затворениот пливачки базен што ќе се наоѓа до салата „Партизан“, со што ќе се добие целосен спортски комплекс.

Врз основа на добиените одговори од Агенцијата за млади и спорт и досегашните активности што се преземени за реализација на проектот за реконструкција на спортската сала „Партизан“, можеме да констатираме дека овој проект се наоѓа во завршна фаза на реконструкција, односно ветувањето е во тек на реализација.

 

ИЗВОРИ:

Одговори добиени од Агенцијата за млади и спорт

Влада на РСМ (13.9.2023 година): Ковачевски: Со изградбата на затворениот пливачки базен и спортската сала „Партизан“, го враќаме спортскиот дух кај граѓаните, вложуваме во капитални проекти од животна важност, проверено на 17.10.2023 година;

Независен.мк (21.4.2022 година): Почнува реконструкцијата на спортската сала „Партизан“, проверено на 17.10.2023 година;

СДК.МК (20.2.2019 година): Тимоние ја виде уништената сала „Партизан“ која е донација од Франција по земјотресот, проверено на 17.10.2023 година;

Општина Карпош (25.10.2021 година): Пред старт реконструкцијата на „Партизан“ и новиот пливачки базен во Карпош, проверено на 17.10.2023 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...