fbpx

Мета факт: Нема трага од изградбата на нов парк во центарот на Охрид, ветен од градоначалникот

Мета.мк на 2 јули беше на локацијата во Охрид, каде што е најавена изградбата на новиот парк од страна на градоначалникот Кирил Пецаков. На просторот од споменикот на холандскиот писател А.Ден Долард до каналот Студенчишта не забележавме дека е изграден нов, односно дека е проширен постојниот парк ветен од градоначалникот

-

Охридскиот градоначалник Кирил Пецаков во предизборната кампања пред локалните избори во 2021 година на граѓаните на Охрид им вети изградба на нов парк на потегот од споменикот на А. Ден Долард до Студенчишкиот канал, којшто до денешен ден не е реализиран. Ова ветување не е исполнето, а екипата на Мета.мк на терен забележа дури и уништување на споменикот на А.Ден Долард, холандскиот писател кој се смета за најголем промотор на Македонија во Кралството Холандија.

Градоначалникот Пецаков, како кандидат на локалните избори во 2021 година, на 27 септември 2021 година изјави дека во Охрид зеленилото веќе не смее да се заменува со бетон, најавувајќи зголемување на зеленилото и зелените појаси и подигнување на еколошката свест: „Сето тоа со: нов парк и проширување на зелената зона на потегот од споменикот на „Ден Долард“ до каналот Студенчишта, велосипедска патека Охрид-Свети Стефан“, рече Кирил Пецаков како кандидат за градоначалник.

Кирил Пецаков предизборното ветување за изградба на парк го повтори и на 28 октомври 2021 година, кога рече дека разубавувањето на делот околу Охридското езеро треба да е приоритет за локалната самоуправа.

„Уредувањето на просторот и неговото планирање, во договор со граѓаните, креира пософистициран лик на Општината и овозможува нејзино правилно просторно искористување. Во таа насока планираме изградба на нов парк со содржини и проширување на зелената зона на потегот од споменикот на А. Ден Долард до каналот Студенчишта каде што гостите и охриѓани има да поминуваат дел од своето време“, изјави Пецаков.

Ветувањето за ново уредено катче за поубав и позелен лик на Охрид до ден денеска не е исполнето. За повеќе информации во однос на степенот на реализација на ова ветување, Мета.мк испрати прашања преку електронска пошта до Општина Охрид на 27 и 30 јуни, како и на 4 јули, во однос на тоа кои активности досега се преземени од локалната самоуправа за исполнување на предизборното ветување за изградба на паркот, што од проектната документација за изведба на паркот е завршена, колку ќе чини изградбата, како и кога ќе почне реализацијата и до кој датум планираат да го стават во употреба ветениот парк. Одговори на поставените прашања од Општина Охрид не добивме.

Мета.мк на 2 јули беше на локацијата во Охрид, каде што е најавена изградбата на новиот парк од страна на градоначалникот Кирил Пецаков. На просторот од споменикот на холандскиот писател А.Ден Долард до каналот Студенчишта не забележавме дека е изграден нов, односно дека е проширен постојниот парк ветен од градоначалникот.

Сепак, она што го забележавме од нашата посета на терен е дека дури и поставените спортски реквизити се уништени, а вандали го оштетиле и споменикот на познатиот холандски промотор на нашата земја. Имено, постаментот на споменикот на А.Ден Долард е оштетен и постои опасност ова спомен обележје целосно да падне од постаментот и да се уништи. Исто така, од спроти споменикот се наоѓаат и уништените статични велосипеди за фитнес рекреација на граѓаните, на кои им недостасуваат педали за да може граѓаните да ги користат.

Од нашата посета на терен, утврдивме дека не само што не е изграден новиот парк, туку и постојниот парк што се наоѓа на помала површина на оваа локација, не се одржува од страна на општината. Исто така, поради тоа што Општина Охрид не ги достави побараните информации за степенот на реализација во кој се наоѓа ветувањето за нов парк во моментов, можеме да заклучиме дека ова предизборно ветување на градоначалникот Кирил Пецаков до денес не е исполнето. 

 

ИЗВОРИ:

Алфа ТВ (27.9.2021 година): Мицкоски: Гарантираме 14.835 проекти, кои ќе направат од Македонија успешна приказна!, проверено на 4.7.2023 година;

Охрид њуз (28.10.2021 година): Пецаков најавува изградба на нов парк на потегот од споменикот на А.Ден Долард до каналот Студенчишта, проверено на 4.7.2023 година;

Курир.мк (28.10.2021 година): Пецаков: Нов парк на потегот од споменикот на А.Ден Долард до каналот Студенчишта, проверено на 4.7.2023 година.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...