Љубљана за Форбс е најзелениот европски град, 70 отсто од отпадот се селектира и има бесплатни велосипеди

Јавниот систем за изнајмување велосипеди во Љубљана; Фото: Бојан Блажевски

Списанието Форбс направи рангирање на 20-те европски градови кои се најдобри зелени престолнини за 2022 година. Како и во изминатиов период, словенечкиот главен град Љубљана се наоѓа на врвот од оваа европска листа, поради серија на позитивни зафати кои придонесуваат за зачувување на животната средина.

Иако е еден од најмалите европски престолнини, Љубљана има над 200 километри велосипедски патеки, кои овозможуваат развиен велосипедски превоз за нејзините жители. Јавниот систем за изнајмување велосипеди им овозможува на месното население и посетителите на градот да користат до еден час бесплатно некој од велосипедите што им стојат на располагање на различни пунктови низ Љубљана.

Покрај зелениот транспорт, Љубљана се стекна со титулата и поради фактот што дури 70 отсто од отпадот што го создаваат домаќинствата се селектира, што е највисока стапка на ниво на ЕУ.

Словенечкиот главен град, пишува Форбс, е познат и по тоа што има развиено над 542 метри квадратни зелени површини од типот на Патеката на пчелите. Поради својата препознатливост во одржливиот туризам на дестинации, по примерот на долината на реката Соча, Бохињ, Лашко и Идрија, ова за Форбс е уште една причина да ја вклучи Љубљана високо на својата листа.

Меѓу 20-те најзелени престолнини во Европа, се вброени Хелсинки и Лахти во Финска, Столкхолм во Шведска, Копенхаген во Данска, Осло во Норвешка, Нијмеген и Амстердам во Холандија, Берн во Швајцарија, Гренобл во Франција, Талин во Естонија, Берлин во Германија, Будимпешта во Унгарија, Виена во Австрија, Мадрид во Шпанија, Прага во Чешка, Брисел во Белгија, Париз во Франција, Лондон во Велика Британија и Москва во Русија.

Критериумите за зелени престолнини на Европа на Форбс се многу јасни: какви видови на јавен превоз им се достапни на граѓаните, колкав е процентот на зелените површини во градовите, какви се плановите за намалување на емисиите на стакленички гасови, каков е квалитетот на воздухот, колкави се инвестициите во зелени проекти и колкав е процентот на селекција и рециклирање на комуналниот отпад.