Лажниот наратив на Кремљ „НАТО се бори со Русија до последниот Украинец“ продолжува да гази

Од почетокот на агресивната воена инвазија на Русија врз Украина, во повеќе наврати пропагандата на Кремљ се обидува да ги изврти тезите односно да наметне низа оправдувања за своите напади.

Фото: НАТО

НАТО ниту ја почна воената инвазија, ниту, пак, има свои војници во Украина. Русија е таа којашто ја нападна Украина во февруари 2022 година, а Украина како независна држава има право да се брани и да ги користи расположливите средства на помош од своите пријатели. НАТО испраќа воена помош за Украина, без притоа да биде учесник во војната. Постот манипулира дека Украина е марионета во рацете на НАТО, иако е јасно дека војната би можела веднаш да престане, доколку Русија се повлече од украинската територија, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

НАТО може да се бори со Русија во Украина додека не остане еден последен Украинец во земјата или може да престане да ѝ дава оружје на Украина што би довело до брз колапс и капитулација. Од НАТО зависи колку ќе трае војната, а не од Зеленски!

Воопшто не е точно дека од НАТО зависи колку ќе трае војната, затоа што НАТО не е учесник во војната.

НАТО најостро ја осудува бруталната и неиспровоцирана воена агресија на Русија против Украина, која е независна, мирна и демократска држава и близок НАТО партнер. НАТО и сојузниците продолжуваат да ја поддржуваат Украина, помагајќи ѝ да го задржи своето фундаментално право на самоодбрана, пишува на сајтот на НАТО.

Украина не е членка на НАТО, туку е партнерска држава. Што значи дека соработува блиску со НАТО, но не е покриена од безбедносната гаранција на основачкиот договор на Алијансата.

На страницата на НАТO, дебанкирани се неколку митови кои се шират од извори на пропагандата на Кремљ и првиот од нив е токму наведеното во постот кој го рецензираме – дека НАТО „се бори против Русија во Украина“ и тоа на сметка на украински жртви.

НАТО не е во војна со Русија и не бараме конфронтација со Русија. Она што го прави НАТО е поддршка за Украина во нејзиното право на самоодбрана, како што е наведено и во Повелбата на Обединетите Нации. Во текот на изминатите месеци, преземавме исклучиво одбранбени мерки за да го зголемиме присуството на НАТО трупи во источниот дел на Алијансата.

Ова обезбедува да нема простор за недоразбирање во Москва за нашата подготвеност да ги заштитиме и да ги одбраниме нашите сојузници. Нашата основна задача е да ги одржиме нашите 30 нации безбедни. Имаме одговорност да се осигуриме дека конфликтот нема да ескалира и да се прошири надвор од Украина, зашто тоа би било уште поразорувачко и уште поопасно, пишува на сајтот на НАТО.

Дополнително, НАТО е одбранбена алијанса со главна цел да ги заштити своите членови. Официјалната политика на НАТО е дека „НАТО не бара конфронтација и не е закана за Руската Федерација“.

НАТО немаше инвазија врз Грузија, НАТО не спроведе инвазија на Украина. Русија го направи тоа. НАТО константно се обраќа до Русија последните 30 години. Заедно работевме на проблеми како спротивставување на трговија со дрога и против тероризмот, па се до спасувачки мисии за подморници дури и во периоди кога НАТО се прошируваше. Но, во 2014 година, како одговор на руската агресивна акција против Украина, НАТО ја суспендираше практичната кооперација со Русија. Не бараме конфронтација, но не можеме да го игнорираме тоа што Русија ги крши интернационалните правила, поткопувајќи ја нашата стабилност и безбедност“, пишува на страницата на НАТО.

Како одговор на руската инвазија врз Украина во 2022 година, НАТО значајно ги засили своите одбранбени структури, вклучително и четири нови групи во источниот дел од Алијансата. На самитот на НАТО во Мадрид, сојузниците се согласија дека Русија е најзначајната и директна закана за нивната безбедност и за мирот и стабилноста на Евроатлантската област. Сојузниците, исто така, се согласија дополнително да ги засилат позициите на НАТО. НАТО помага во координацијата на украинските барања за помош и ги поддржува сојузниците во доставувањето на хуманитарна помош. Членот 5 (безбедносната гаранција на членот 5) и нејзиното ветување за колективна одбрана им дава увереност на сојузниците дека може да испраќаат оружје за Украина без притоа да ја намалат својата сопствена безбедност.

Индивидуални НАТО членки праќаат оружје, муниција и многу видови на лесна и тешка воена опрема, дронови и тенкови. До денеска, НАТО сојузниците обезбедија милијарди евра вредна воена опрема за Украина. Сојузниците исто така тренираат украински трупи за да ја користат оваа опрема. Сето ова, прави разлика на военото поле секој ден, помагајќи и на Украина да го одржи своето право на самоодбрана, кое е наведено и во Повелбата на Обединетите Нации.

Од почетокот на агресивната воена инвазија на Русија врз Украина, во повеќе наврати пропагандата на Кремљ се обидува да ги изврти тезите односно да наметне низа оправдувања за своите напади. Наспроти наведеното во постот што го рецензираме, Русија е таа којашто ја нападна Украина во февруари 2022 година и Украина поради тоа, како независна држава, со територијален интегритет и суверенитет, има право да се брани и да ги користи расположливите средства на помош од своите пријатели. Доколку не го прави тоа, тогаш таа би се соочила со уште поголеми територијални претензии од страна на Русија.

Во постот, всушност, се тврди дека „НАТО се бори против Русија во Украина“ што е дезинформација. НАТО ниту ја почна воената инвазија (тоа го направи Русија), ниту, пак, има свои војници во Украина. Но, НАТО испраќа воена помош за Украина, без притоа да биде учесник во војната. Со тоа што во објавата се тврди дека „прекинот на испраќањето на воена помош“ би довело до брз колапс и капитулација и дека „од НАТО зависи колку ќе трае војната, а не од Зеленски“, се прави обид да се манипулира дека Украина е марионета во рацете на НАТО и да се омаловажи нејзината независност и сувереност како и нејзините демократски процеси и носењето на одлуки меѓу кои и тоа – да се брани од окупација и територијални претензии. Војната би можела веднаш да престане, доколку Русија се повлече од украинската територија.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит.

 

hubmk