Средношколскиот сојуз со предлози за да се спречи меѓуврсничкото насилство во училиштата

Четирите конкретни предлози Средношколскиот сојуз вчера му ги пренесе на министерот за образование и наука Јетон Шаќири на консултациите, кои следат по крвавиот масакр во училиште во Србија

Фото: Архива на Мета.мк

Полицијата засилено да ги обезбедува училиштата до крајот на учебната година, канцелариите на училишните педагози да бидат отворени за средношколците за тет-а-тет средби, летниот распуст да биде искористен за изготвување протокол за нов модел на работа на стручните служби и обуки на соработниците, а да се отворат и бесплатни инфо линии и профили на социјалните мрежи на кои средношколците ќе можат да пријават меѓуврсничко насилство. Ова се четирите конкретни предлози што Средношколскиот сојуз вчера му ги пренесе на министерот за образование и наука Јетон Шаќири на консултациите, кои следат по крвавиот масакр во училиште во Србија.

„Став на Сојузот на средношколци е дека мора да се делува брзо и ефикасно за да се превенираат и избегнат негативните ефекти, а истовремено спроведените мерки да дадат конкретни и видливи резултати на терен“, стои во соопштението од Средношколскиот сојуз.

Токму поради тоа, претседателот на Сојузот Лука Павиќевиќ ги претставил четирите предлози на консултациите за креирање мерки и надополнување на постоечките механизми за детекција и спречување на меѓуврсничкото насилство во училиштата.

„Водејќи се од позитивните примери присутни во некои училишта во нашата земја, Сојузот предлага нов модел на работа на училишните психолози. Имено, нивните канцеларии треба да бидат отворени за средношколците, а тие треба да го имаат правото да закажат тет-а-тет средба со својот училиштен психолог“, велат од Средношколскиот сојуз.

Тие додаваат дека за ваквата промена кај училишните психолози ќе бидат потребни обуки и доквалифакации за стручните служби, при што сметаат дека тие треба да се спроведат што поскоро.

„Сојузот мисли дека летниот распуст треба да биде употребен за изготвување на протоколот за новиот модел на работа на стручните служби и за отпочнување на обуките за соработниците“, наведуваат од Средношколскиот сојуз.

Сојузот ја поздравува одлуката на МОН да ги отвори електронските адреси [email protected] и [email protected] за пријавување на меѓуврсничко насилство, но и предложија да се размисли за отворање на бесплатна телефонска линија и профили на социјалните медиуми, со цел оваа можност да биде поблиска до целната група – средношколците и ученичките воопшто.