Втор ден на жалост во Србија по двата масакра со огнено оружје што се случија во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград и во селото Мало Орашје во близина на Младеновац. На белградските гробишта денеска ќе бидат погребани четири ученици и вработениот во обезбедувањето од школото во Белград, додека во Мало Орашје ќе се погребаат пет загинати момчиња што беа убиени во двата одделни масакра.
Радио-телевизија Србија јавува дека српските знамиња пред институциите се на половина копје за да им се оддаде почит кон загинатите, а сите официјални активности кои се одвиваат започнуваат со едноминутен молк. Во белградската школа „Владислав Рибникар“ е отворена и Книга на жалост, во која денеска и утре може да се запишат граѓаните во периодот од 10 до 15 часот.
Српската министерка за здравје Даница Грујичиќ утрово изјави дека две деца кои биле погодени во пукањето во белградското училиште и понатаму се во критична состојба, заедно со три застрелани лица во пукањето во близина на Младеновац. Министерката рече дека останатите повредени се во стабилна состојба, пренесува Данас.
Во два масакра во Србија што се случија неделава се убиени 17 луѓе. Во средата 13-годишно момче застрела и уби осум ученици и обезбедувач во училиштето „Владислав Рибникар“ и рани шест ученици и наставник. Еден ден подоцна, 21-годишно момче уби осум лица, а рани 14 кога пукаше врз жители на неколку села во околината на Младеновац и Смедерево.
Инаку, Вишиот суд во Белград вчера му одреди 30-дневен притвор на таткото на 13-годишниот К.К., кој во средата во белградското училиште „Владислав Рибникар“ со пиштолот на својот татко уби осум ученици и припадник на обезбедувањето.
В.К. (47), таткото на момчето, осомничен е за кривично дело против општата безбедност и дека го обучувал својот син да ракува со огнено оружје и муниција така што го носел на стрелиште. Воедно, тој се обвинува дека постапувал спротивно на одредбите на Законот за оружје и муниција и спротивно на Правилникот за просторно-технички услови за безбедно складирање на оружје, односно оружјето и муницијата не ги обезбедил на тој начин да детето не може да дојде до нив.
Притворот на таткото на момчето му е одреден поради постоење посебни околности кои укажуваат дека во краток временски период повторно би можел да го повтори кривичното дело, како и поради тоа што поради стореното кривично дело за кое се товари, пропишана е казна затвор во период подолг од 10 години.