fbpx

Кризата ги врати дебатите на телевизиите

-

По долгогодишна пауза, телевизиите повторно ги вратија дебатите за дневно актуелните теми. Во последно време, дебатните емисии речиси исчезнаа од малите екрани и како форма и како суштина.

Сега, гледачите имаат голем избор. На телевизија „24 Вести“ ги има „Вин-вин“ и „24 Анализа“. На „Телма“ секој работен ден оди „Топ тема“. На „Алсат М“ ги гледаме „Патот кон“ и „360 степени“, а „Нова ТВ“ од денеска ја воведува „Нова дебата“.

Минатата пролет, за време на претседателските и парламентарите избори, дебатите и теливизиите што ги емитуваа се броеа на прсти. Сега, за новите случувања, почнувајќи од студентските протести, „бомбите“ на Заев, акцијата „Пуч“ и случајот со смртта на малата Тамара, уредниците на неколку телевизии организираат дебатни соочувања со универзитетски професори, политичари, новинари и со експерти.

Пред неполн месец на телевизија „Телма“ почна да се емитува дебатната емисија „Топ тема“, секој работен ден во 20.15 со Сања Васиќ, Александар Чомовски, Снежана Лупевска и со Боби Христов. Вчерашната „Топ тема“ му беше посветена на поранешниот претседател Борис Трајковски, по повод 11-годишнината од неговата смрт.

– Ја воведовме „Топ тема“ затоа што почувствувавме дека има потреба од таква емиисија. Првото искуство е одлично. Одлично е примена и добивме голема гледаност. Таа сега ни е најгледаната емисија. Изненадени сме пријатно од одѕивот на соговорниците. Иако сите нè уверуваа дека нема соговорници, се поикажа дека и ним и на гледачите им е потреба дебата – ни рече Сања Васиќ, одговорен уредник на „Телма“.

На телевизија „24 Вести“ се емитуваат емисиите „Вин-вин“ на Оливера Трајковска и „24 Анализа“. Вчера во „Вин-вин“ гостуваа претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, и новинарот Бранко Героски, кои дебатираа за четвртата „бомба“ на Заев за прислушување на новинарите. Претходниот ден на „24 Анализа“ за прислушувањето и за упадот во безбедносните служби дебатираа универзитетските професори Владимир Пивоваров и Златко Кескоски.

На телевизија „Алсат М“ има две дебатни емисии кои третираат дневно актуелни теми. Емисијата „Патот кон“ ја води уредникот на телевизијата, Мухамед Зекири, и се емитува секој четврток во 21.45 часот. Во вчерашната емисија дебатираа две од прислушуваните новинарки, Јадранка Костова и Оливера Трајковска.

Емисијата „360 степени“ ја води новинарот Васко Попетревски и се емитува во понеделник, среда и во петок во 22.30 часот, а трае половина час во кој, најчесто двајца соговорници, даваат аналитички приод кон акутелни и релеватни теми.

Порталот „Нова ТВ“ од денеска воведува „Нова дебата“, во која прашања, освен новинарите, ќе може да поставуваат и корисниците на „Фејсбук“ и на „Твитер“.

– „Нова дебата” е веб, стрим и видео проект на „Нова Тв“ со кој ги искористуваме можностите на интернетот за да обезбедиме повеќе и поквалитетна јавна дебата меѓу домашната јавност. Наша цел е важните општествени и политички прашања да ги изложиме на јавна дебата и да овозможиме граѓаните да дискутираат. Ќе обезбедуваме актуелни гости, говорници и соговорници кои ќе ги изложуваме на аргументации, сомнежи и прашања поставени од нашите модератори и новинари, но и од твитерџиите, фејсбук-корисниците и останатата интернет-публика – вели Биљана Секуловска, генерален менаџер на „Нова Тв“.

Во првото издание на „Нова дебата“ ќе гостува Зоран Заев и ќе може да се следи во живо преку стрим на веб-страницата на порталот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.