Красимир Каракачанов си даде оставка поради лошите резултати на парламентарните избори во Бугарија

Красимир Каракачанов во 2018 година. Фото: Негова Фејсбук страница

Претседателот на бугарското ВМРО, Красимир Каракачанов, кој долги години е на таа функција, си поднесе оставка денеска поради слабите резултати на партијата на вчерашните парламентарни избори, јави „Медиапул“.

Покрај него, оставки дадоа и неговите заменици – европратеникот Ангел Џамбаски, потоа Искрен Веселинов, Атанас Стојанов и Милен Михов. Стојанов, кој е градоначалник на Сандански, неколку часа пред оставката беше уапсен за купување гласови и задржан на 24 часа.

Каракачанов во последната политичка влада беше вицепремиер и министер за одбрана. Тој, заедно со Џамбаски е еден од најгласните пропагатори на тезите за бугарскиот идентитет на Македонците и за целосно „бугарска“ историја на македонското подрачје.

Инаку, ВМРО зеде само околу 1 отсто од гласовите, според сегашните неофицијални резултати, што е далеку под цензусот за влез во парламентот. И на вонредните избори во јули не успеаја да влезат во парламентот.

Сепак, Каракачанов и покрај оставката, ги повика партиите што ќе влезат во парламентот да не отстапуваат „од заштитата на бугарските интереси во Македонија“.

„Кауза, што ние ќе продолжиме да ја браниме по цената на сè“, напиша Каракачанов.

Тој не е единствениот од раководителите на политичките партии што поднесе оставка или „чија глава се бара“.

Истакнати членови на Бугарската социјалистичка партија и противници на сегашната претседателка на партијата, Корнелија Нинова, ја побараа нејзината оставка поради слабите изборни резултати на партијата. Долгогодишните внатрешни опоненти на Нинова, Кирил Добрев, Елена Јончева и Атанас Кутев, откако е јасно дека партијата ќе биде четврта по сила во идниот парламент, јавно ја побараа денеска нејзината оставка иако Нинова вчера рече дека нема намера да ја напушта раководната функција.

Оставка поднесе и ко-претседавачот на коалицијата „Демократска Бугарија“ Христо Иванов, и тоа од функцијата претседател на неговата партија „Да Бугарија“. И вториот ко-претседавач на „Демократска Бугарија“ Атанас Атанасов објави дека презема „лична одговорност“ и повика да почне постапка за избор на нов претседател.

Бугарскиот претседател Румен Радев објави дека ќе го свика новиот состав на парламентот во најскоро време, откако Централната изборна комисија ќе ги објави имињата на новите пратеници, извести „Медиапул“.

„Верувам дека овој пат партиите ќе ги надминат своите разлики и ќе имаме стабилно мнозинство што ќе направи влада“, рече Радев.