fbpx

Усвојувањето на буџетот за 2022 година пред пратениците, ВМРО-ДПМНЕ поднесе 220 амандмани

-

Пратениците денеска ја започнаа расправата во Собранието за предлог-државниот буџет за 2022 година. Вкупните приходи догодина се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 проценти повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година.

Министерот за финансии Фатмир Бесими при денешната презентација на предлог-буџетот рече дека 2022 година ќе биде година на натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции, кои во предлог-буџетот се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит.

Сепак, во услови на сѐ уште присутни ризици од пандемијата од ковид-19, тој рече дека клучна ќе биде и грижата за заштита на здравјето и животите на населението. Неизоставен дел е и редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци и поддршката на економијата, истакна министерот Бесими.

Капиталните инвестиции во Предлог-буџетот за 2022 година се планирани на износ од 37,8 милијарди денари, коишто се за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година и кои се на повисоко ниво од буџетскиот дефицит.

„Притоа, за да се одговори на сѐ уште присутните предизвици од пандемијата на ковид-19, предвидени се повеќе средства во здравствениот сектор и истите се планирани на ниво од 7,4 милијарди денари. Значителен износ се однесува на набавка на вакцини против ковид-19; потоа за реконструкција на ЈЗУ во износ од околу 260 милиони денари; набавка на медицинска опрема, реновирање и опремување вакцинални пунктови, како и други програми“, рече Бесими.

Министерот порача дека граѓаните можат да бидат сигурни дека со Буџетот за 2022 година е обезбедена ликвидност што значи дека ќе има редовна исплата на плати, пензии и социјални надоместоци. Воедно, предвидени се зголемувања на платите кај здравствените работници, инспекторите, судството и обвинителството, професионалните војници, вработените во ИПА структурата и шумската полиција.

Со Предлог-буџетот за 2022 година ќе се подобрува и стандардот на учениците и студентите. Во 2022 година продолжува исплатата на студентскиот оброк за редовните студенти, а предвидено е и зголемување на стипендиите кои се сведуваат на ист повисок износ на 3.500 денари за ученички стипендии и 6.050 денари за студентски стипендии.

Економскиот раст за 2022 година е проектиран на 4,6 проценти, додека се очекува стабилизирање на стапката на инфлација на 2,4 проценти. Министерот Бесими пред пратениците  истакна дека очекува конструктивна дебата во однос на предложениот Буџет за 2022 година.

Од ВМРО-ДПМНЕ уште денеска рекоа дека нема да го блокираат донесувањето на буџетот за 2022 година, но во реалноста поднесоа 220 амандмани во Собранието. За опозициските пратеници ваквиот државен буџет е историски највисок, нереален и неразвоен.

Пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави дека амандманите се однесуваат на енергетиката, образованието, здравството, животната средина, загрозените групи граѓани, стопанството и економските субјекти.

Комисиската расправа за предложениот буџет за 2022 година ќе трае 10 дена, по што тој ќе оди на пленарна седница во Собранието.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Марш за видливост на трансродовите лица утре пред Влада

Граѓанската иницијатива за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица „ТрансФормА“ соопшти дека во пресрет на 31 март, Меѓународниот ден за видливост на трансродовите лица, утре со почеток...