fbpx

Ковачевски: С.Македонија и регионот припаѓаат во ЕУ, историската шанса да не ја пропуштиме

Ковачевски истакна дека никогаш појасни не биле пораките од нашите стратешки партнери од ЕУ дека до 2030 година е можно проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и дека сега практично работата е на нас, како ќе ги движиме процесите во регионот

-

Премиерот Димитар Ковачевски во денешното обраќање на Преспа форумот за дијалог порача дека Северна Макаедонија и регионот припаѓаат во Европската Унија, а историската шанса што ја имаме за членство во ЕУ во моментов не треба да ја пропуштиме. Ковачевски се обрати на сесијата „Искрената регионална соработка го одржува регионот стабилен“, информираат од владината прес-служба.

Ковачевски истакна дека никогаш појасни не биле пораките од нашите стратешки партнери од ЕУ дека до 2030 година е можно проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан и дека сега практично работата е на нас, како ќе ги движиме процесите во регионот.

„Војната во Украина ја потсети Европа дека на географската површина на европскиот континент, постои геостратегиска празнина. Ние не треба да заборавиме дека војната во Украина се води на 700 километри од тука каде што денес седиме“, изјави премиерот Ковачевски.

Тој повтори дека не треба да заборавиме оти ЕУ има две граници, едната е надворешната граница на ЕУ и втората е внатрешната, а тоа е со земјите од Западен Балкан. Тоа е границата која што во иднина, до 2030 година сите заедно треба да направиме да не постои повеќе, порача Ковачевски.

„Политичката цел на Западен Балкан е полноправно членство во Европската Унија. Местото на сите држави од Западен Балкан е во ЕУ, а регионалните иницијативи се еден од начините на подобра соработка на патот кон полноправно членство во ЕУ. Сите држави од регионот практично сме на тој пат. Регионот денес го има потребниот лидерски потенцијал за носење на такви одлуки“, рече Ковачевски.

Премиерот додаде сега е неопходно да ги удвоиме напорите на секој план, но да ја добиеме и потребната поддршка од европските партнери, за да го забрзаме процесот на интеграцијата.

Ковачевски рече и дека државите од Западен Балкан имаат европски определби кои не се спорни, но секоја од државите има различен капацитет на отпорност на недемократските тенденции што доаѓаат однадвор, главно поради различното темпо на демократизација внатре во самите општества.

„Оваа геостратегиска празнина е отворена врата за ветриштата што веќе ја нишаат стабилноста на кревкиот Западен Балкан, но со тоа и на самата Европска Унија, чијашто цврстина очигледно е дека не е само во здружувањето на економски моќните држави, туку пред сè во обединувањето на сите држави – и големи и мали, коишто гравитираат на овој европски простор“, изјави Ковачевски во својот говор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...