fbpx

Американски институции погодени во глобален кибер напад

Групата „Клоп“ минатата недела презеде одговорност за повеќе хакерски напади што се случија во западните земји, а ги погодија и Би-би-си, главниот авиопревозник во Велика Британија „Бритиш ервејс“, нафтениот гигант „Шел“ и државните влади во Минесота и Илиноис во САД

-

Неколку американски федерални владини агенции се погодени во глобален кибер напад на руски криминалци кои ја искористуваат ранливоста на еден широко користен софтвер, објави Си-ен-ен, повикувајќи се на информации од една од агенциите за кибербезбедност во САД.

„Американската агенција за кибербезбедност и безбедност на инфраструктурата обезбедува поддршка за неколку федерални агенции кои доживеале упади што влијаат на нивните MOVEit апликации. Работиме итно за да ги разбереме влијанијата и да обезбедиме навремена санација“, изјавил за Си-ен-ен извршниот помошник директор на агенцијата.

Покрај американските владини агенции, стотици компании и организации во оваа земја најверојатно се погодени од хакерскиот напад.

Си-ен-ен пишува дека групата „Клоп“ – која наводно е одговорна за нападот, е позната по тоа што бара откуп од неколку милиони долари, но досега не се пристигнати барања за откуп до федералните агенции.

Големата хакерска кампања што започна пред две недели погоди некои од големите американски универзитети како „Џон Хопкинс“ во Балтимор и Универзитетот во Џорџија и повеќе институции.

Хакерите го злоупотребуваат пропустот во широко употребуваниот софтвер познат како „MOVEit“ што компаниите и агенциите го користат за пренос на податоци.

Групата „Клоп“ минатата недела презеде одговорност за повеќе хакерски напади што се случија во западните земји, а ги погодија и Би-би-си, главниот авиопревозник во Велика Британија „Бритиш ервејс“, нафтениот гигант „Шел“ и државните влади во Минесота и Илиноис во САД.

„Клоп“ е една од бројните кибер криминални банди во Источна Европа и Русија и е позната по тоа што се фокусира на притисок врз жртвите за што е можно повеќе пари.

Групата им дала рок на жртвите да ги контактираат до среда за да платат откуп, по што објавиле листа од повеќе наводни цели на хакирањето. До вчера на листата не се нашла ниту една американска федерална агенција, а хакерите на својата страница на „дарк веб“ напишале:

„Ако сте државна, градска или полициска служба, не грижете се, ги избришавме сите ваши податоци. Не треба да контактирате со нас. Немаме интерес да разоткриваме такви информации“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.