Детонирани шок-бомби врз полициските станици во Звечан и Северна Митровица

Велика Британија повика на итна деескалација на ситуацијата и смирување на тензиите, но и ослободување на припадниците на косовската полиција кои беа уапсени во средата од страна на српската полиција

Фото: Мета.мк

Во периодот од 23:30 до 01:30 часот, косовската полиција од северниот регион евидентирала три експлозии во близина на полициските станици во Звечан и северниот дел на Косовска Митровица, додека полициско возило било нападнато на улицата Кнез Милош, но нема повредени, пренесе Коссев.инфо.

Заменик-командантот на косовската полиција во северниот регион, Ветон Ељшани потврдил дека во улицата Кнез Милош со камења била нападната полициска патрола, а се претпоставува и дека била фрлена шок бомба.

Повредени нема, но причинета е материјална штета на полициското возило на кое било скршено стаклото.

Косовската полиција од северниот регион претпоставува дека биле фрлени три шок бомби, од кои една во дворот на полициската станица во северниот дел на Косовска Митровица и уште две недалеку од полициската станица во Звечан.

Полицијата работи на расчистување на случаите, а засега нема осомничени.

Во меѓувреме, Велика Британија повика на итна деескалација на ситуацијата и смирување на тензиите, но и ослободување на припадниците на косовската полиција кои беа уапсени во средата од страна на српската полиција.

„Повикуваме на итно ослободување на тројцата косовски полицајци приведени на 14 јуни“, се вели во соопштението.

Истовремено бараат Белград и Приштина да покажат максимална воздржаност, да избегнуваат еднострани мерки и да преземат итни мерки за намалување на тензиите. Од друга страна, тие уште еднаш ги изнесоа своите барања до косовскиот премиер, во врска со кризата на северот на Косово.

„Ги повторуваме нашите повици до премиерот Курти и неговата влада да се погрижат избраните градоначалници да ги извршуваат своите привремени должности од алтернативни локации надвор од општинските згради и дека специјалните полициски единици ќе бидат повлечени од општинските згради“, изјавија тие.

Тие нагласуваат дека треба што поскоро да се распишат нови, инклузивни избори, а очекуваат и охрабруваат Србите од Косово да учествуваат на изборите. Тие бараат и продолжување на дијалогот, но и формирање Заедница на српски општини.

„Очекуваме Косово и Србија веднаш да се вклучат во дијалогот што го води ЕУ, а особено да започнат со работа без натамошно одлагање за формирање на Заедница на општини со српско мнозинство“, заклучуваат од Велика Британија.

Стејт департментот претходно објави слична порака, во која се наведува дека страните треба да преземат итни чекори со цел деескалација, кои вклучуваат, како што наведоа, „безусловно“ ослободување на тројцата уапсени припадници на косовската полиција.

Тие посочија дека САД се уште се вклучени во кризата на северот на Косово и во директен контакт со страните.

Инаку, по апсењето на косовските полицајци, од Приштина и Белград соопштија две спротивни верзии со спротивставени информации.

Белград тврди дека овие тројца косовски полицајци се уапсени на територијата на Србија, а Приштина вели дека се работи за „киднапирање“ на територијата на Косово, а како „одмазда“ на Белград за апсењето на М.М. во северниот дел на Митровица претходниот ден.

Приштинските власти, исто така, побараа од КФОР да се изјасни, а меѓународната заедница да изврши притисок за официјален Белград да ги ослободи полицајците.

По неколку прозивки, КФОР синоќа соопшти дека нивни припадници не биле на местото на апсењето на тројцата косовски полицајци и ги повика инволвираните страни да ја деескалираат ситуацијата.

Претставникот на ЕУ, Мирослав Лајчак, синоќа изјави дека НАТО побарал од двете страни да презентираат докази за да се утврди што точно се случило и оти чека да се утврдат фактите. Вчера во исто време стигна потврда дека високиот претставник на Европската унија, Жозеп Борел свикал кризен состанок со Курти и Вучиќ за следната недела.