fbpx

Пендаровски на Преспа форумот: Не би сакал војната во Украина да биде поттик за проширувањето на ЕУ

Според претседателот Пендаровски, бавното темпо на процесот на интеграција во Европската Унија е закана за демократијата и мирот на Балканот. Преговарачкиот процес, според македонскиот претседател, ги унапредува демократските процеси во земјите-кандидати

-

Ако војната во Украина е поводот Европската Унија да го врати интересот за проширувањето кон регионот на Западен Балкан, тогаш многу природно се наметнува прашањето – што ќе се случи кога војната во Украина ќе заврши, запраша претседателот Стево Пендаровски во денешниот говор на сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“ на Преспа форумот за дијалог 2023, што се одржува во Струга на тема „Проширено европско семејство до 2030: (Не)возможна мисија?“.

Тој додаде дека не би сакал војната во Украина да биде поттик за нешто позитивно што би требало да се случи во однос на проширувањето на ЕУ.

Претседателот Пендаровски истакна дека војната во Украина го врати фокусот на геополитиката и геополитичкиот начин на размислување стана доминантен во Европската Унија по однос на прашањето на проширувањето.

Според претседателот Пендаровски, бавното темпо на процесот на интеграција во Европската Унија е закана за демократијата и мирот на Балканот. Преговарачкиот процес, според македонскиот претседател, ги унапредува демократските процеси во земјите-кандидати, додека без надзорот од ЕУ назадувањето е очигледно, а во многу случаи и неизбежно.

Дополнително, според претседателот Пендаровски, предолгото чекање за ЕУ членство може да доведе до тоа луѓето да бараат алтернативи и да дојде до остар пад на поддршката за членство во ЕУ, а без пристапниот процес се јавува повеќе простор за малигни влијанија поради фактот што земјата-кандидат не е дел од заедничките механизми за размена на информации и управување со кризи.

За да видиме системски и неповратен напредок, потребна ни е рамка за тоа – правна, политичка и економска, плус безбедност и разузнавање. ЕУ, според претседателот, е солидна рамка за првите три компоненти, а НАТО за последните две.

Претседателот Пендаровски исто така се осврна и на можностите и предизвиците што ги нуди вештачката интелигенција и во таа насока ги поздрави иницијативите што се преземаат од владите и меѓународните организации со цел да се изнајдат решенија за полезно користење на вештачката интелигенција за јавно добро и напредок, додавајќи дека автократите може да ја злоупотребат вештачката интелигенција на сличен начин како што ги злоупотребуваат и социјалните медиуми.

Во однос на политичкото учество на жените и младите во земјава и регионот, претседателот Пендаровски истакна дека патот за нивното вклучување во процесите на донесување на одлуки отсекогаш бил тежок во општества каде доминирале мажите, но дека е потребно афирмативно дејство за нивно политичко учество и во процесите на донесување на одлуки.

На сесијата се обратија и претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, помошник генералниот секретар на ОН, Мирослав Јенча и младинскиот претставник Зорана Антовска, а свое видео-обраќање имаше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата ги растера пропалестинските активисти од зградата на универзитетот во Париз

Француската полиција денес влегла во зградата на парискиот универзитет „Сијанс По“, и ги растерала пропалестинските активисти. Група од околу 70 студенти ја окупирале зградата на Институтот за политички науки во...