fbpx

За уништување на археолошкиот локалитет Влахо кај Живојно казна една година условен затвор

За одговорното лице во правното лице определена е и парична казна од 360.000 денари

-

Уништувањето на дел од археолошкиот локалитет Влахо при копањето јаглен кај битолското село Живојно доведе до епилог – условен затвор од една година за одговорното лице и парична казна од 360.000 денари за правното лице, кое ќе треба да ги надомести и трошоците за геодетско истражување, информираат од Основното јавно обвинителство (ОЈО).

Оттаму информираат дека Основното јавно обвинителство Битола до надлежниот суд поднело Предлог – спогодба со едно физичко и едно правно лице кои се товареа за кривично дело – Оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од член 264 од Кривичниот законик, а предлог-спогодбата била потврдена од Основниот суд во Битола.

„Иако обвинетиот управител знаел дека во рамките на концесиското поле се наоѓа археолошкото наоѓалиште Влаху, кое претставува културно наследство во кое не смее да се врши експлоатација согласно член 13 од Договорот за доделување на концесија, за што дури и преговарал со претставници на НУ Завод и Музеј Битола и Управата за заштита на културно наследство да бидат преземени заштитни археолошки истражувања пред отпочнувањето со експлоатацијата на минералната суровина, сепак ангажирал подизведувач – друго правно лице од Битола на кое му дал насоки да започне со експлоатација на јаглен. Како резултат на ваквите активности во целост е уништена источната периферија на археолошко наоѓалиште Влаху, што беше констатирано на лице место од овластени службени лица од Управата за заштита на културно наследство и од НУ Завод и музеј Битола“, стои во соопштението на ОЈО.

Од Обвинителство преку соопштение наведуваат дека обвинетиот Г.С., како одговорно лице во правното лице – управител на осомниченото правно лице од Битола, во периодот од ноември 2022 година до 03.03.2023, преземал дејствија во име и за сметка на осомниченото правно лице, со што ја уништиле источната периферија на археолошкото наоѓалиште Влаху во селото Живојно, општина Новаци.

Со постигнатата предлог-спогодба на обвинетото одговорно лице во правното лице му е изречена условна осуда казна затвор од една година која нема да се изврши доколку во рок од 3 години тој не стори ново кривично дело.

Исто така, правното лице ќе треба да ги почитува обврските, односно да не презема дејствија на експлоатација на јаглен од подрачјето на локалитетот Забрдо, и тоа до оној момент додека не се изврши јасно означување и оградување на подрачјето на кое се протега локалитетот Влахо, како и на подрачјата на кои се претпоставува дека се протегаат локалитетите Бел Камен и Кералот.

„Дејствија не смеат да се преземаат и се до завршување на заштитните археолошки истражувања. Откако ќе бидат завршени истражувањата, дејствијата на експлоатација на наведените локалитети да се вршат само во согласност со утврденото со заштитните археолошки истражувања“, стои во соопштението на ОЈО, додавајќи дека правното лице не смее да експлоатира јаглен до моментот додека со НУ Завод и Музеј Битола не склучи договор за извршување на заштитно археолошко истражување.

Исто така, правното лице ќе мора да обезбеди финансии за вршење археолошки надзор од стручно лице определено од НУ Завод и Музеј Битола за време на целиот планиран опфат за експлоатација на јаглен.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...