fbpx

ЈО: На Онкологија биле издавани скапи лекови на ден пред смртта на пациентите

Терапијата тогаш била издавана, но не и аплицирана, информираше обвинителката Ана Гоговска Јакимовска

-

На пациентите кои се лечеле од рак на Клиниката за онкологија и радиотерапија им се препишувале и издавале скапи имунотерапевтски лекови еден ден пред да починат, кога веќе било очигледно дека нема да имаат бенефит од таквата терапија.

Ова се дел од наодите кои денеска на брифинг со новинарите ги изнесоа обвинителите од скопското Јавно обвинителство (ЈО). Надлежната обвинителка Ана Гоговска Јакимовска, заедно со основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски денеска зборуваа за текот на истрагата, откако вчера беа уапсени четири лица од клиниката, меѓу кои и поранешните организациски и медицинскиот директор.

Осомничени во случајот „Онкологија“ се пет лица – двајцата директори кои на позициите биле во периодот од 2017 до 2022 година, медицинскиот Нино Васев и организацискиот Нехат Нухи, како и тројца доктори онколози. Тие се осомничени за злоупотреба на службената положба и овластување, измама во службата и за помагање во измамата.

„Осомничените набавувале лекови на реверс, без согласност на Фондот за здравствено осигурување и без спроведена постапка за јавна набавка. На тој начин се создавале вишок на лекови за кои не се водела евиденција. Биле издавани скапи лекови од имунотерапијата, на еден ден пред смртта на пациентите, кога било очигледно дека од тој лек пациентот нема да види бенефит, односно кога постоела неможност да се развие дејството на лекот. Значи терапијата тогаш била издавана, но не и аплицирана“, информираше Гоговска Јакимовска.

Од денеска Основниот кривичен суд одреди мерки на претпазливост за организацискиот (Н.Н.) и за медицинскиот директор на Клиниката (Н.В.). Мерките се забрана за напуштање живеалиште, одземање патна исправа како и мерка, оддалечување од работно место. Мерки на претпазливост нема за тројцата доктори онколози, кои ќе одат на работа.

Според информациите на Обвинителството, спротивно на одобренијата, се пропишувале лекови на пациенти каде што имало недоследности во дозирањето и времетраењето на апликацијата на лековите.

„Но, тоа не значи дека е кратено од терапијата, туку дека е раздолжувана терапија, повеќе од тоа кое требало да го примаат пациентите. Досега не е докажано дека се давал физиолошки раствор, како што беше објавувано“, додаде Гоговска Јакимовска.

Обвинителите прегледале 500 физички истории на пациенти и 25.000 електронски записи на пациенти. Она што е утврдено е што нема податок на Клиниката за состојбата со залихите на лекови. Имало разлика меѓу издадените лекови од аптеката и примените лекови на клиниката.

ЈО информираше и дека во вештачењето се вклучени и експерти од Словенија, а кажаа и дека можно е да има проширување на истрагата. Обвинителите апелираа и ги охрабруваат сите граѓани, односно семејства на пациенти, да се јават во Основното јавно обвинителство и да пријават евентуални злоупотреби. Досега им се јавиле вкупно 40 пациенти.

„Не можеме да кажеме дека е направена штета. Ова кривично дело предвидува стекнување имотно-правна корист, па затоа можеме да кажеме дека со овие злоупотреби, стекната е имотно-правна корист во вредност од 1 милијарда 817 милиони и 520 илјади денари (безмалку 30 милиони евра)“, рече обвинителката.

Намерата била да се креираат вишоци од скапата биолошка терапија, која на Клиниката беше воведена во 2019 година. На име на еден пациент имало по една ампула вишок од биолошката терапија. Имало и случај каде што на име на еден пациент, биле препишани 8 ампули.

„Постојат сомнежи дека таа терапија завршувала некаде, но истрагата е во тек“, додаде Гоговска Јакимовска.

Наодите за случајот „Онкологија“ првично беа објавени од страна на Државниот завод за ревизија. Подоцна во неделникот „Фокус“ и во „Слободен печат“ беа објавени сомнежите дека терапијата за болните од рак, а особено скапата биолошка терапија, била препродавана на црн пазар. Ова, според објавените информации, било правено на начин што во системот фигурирале пациенти, најчесто блиски роднини на раководството, кои воопшто не биле болни од рак, а им биле препишувани големи дози терапија. Исто така, според пишувањата, терапија им била препишувана и на пациенти кои починале, но тоа не било заведени во системот или пак на лица кои се во терминална фаза на болеста. Оваа терапија наводно била препродавана, а со тоа, во прашање се доведува и каква терапија примале вистински болните.

За случајот беше формирана и собраниска анкетна комисија. Предистражната постапка траеше речиси половина година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...