fbpx

Ковачевски: Антиевропската агенда е антимакедонска

„Нашата современа битка денес е да ги донесеме европските и светски вредносни стандарди - дома, што ги очекуваат македонските граѓани, а посебно младите генерации“, рече Ковачевски во своето обраќање по повод 11 Октомври - Денот на народното востание

-

„Сиот прогрес што е направен до денес – е одраз на нашиот непокор и слободата на избор“, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето во чест на 11 Октомври – Ден на народното востание.

Како што соопшти Владата, Ковачевски посочил оти „На ова македонско парче земја никогаш не се бегало – ни од пламен, ни од окупатори, ни од одлуки. Со достоиствениот пркос кон предизвиците, да се гледа и чекори напред и да се мисли на иднината и на следните генерации и кога е најтешко добиена е антифашистичката борба и со неа битката за македонската државност“.

Ковачевски во својот говор посочи дека „правецот е повторно тој и денес во остварувањето на стратешките национални и државни цели“.

Потоа тој се осврна на очекувањата на идните генерации, велејќи дека современата битка е да не се дозволи, како што рече, „ничии лични, партиски или други агенди, нечии туѓи цели, да ни го попречат европскиот пат“.

„Нашата современа битка денес е да ги донесеме европските и светски вредносни стандарди – дома, што ги очекуваат македонските граѓани, а посебно младите генерации“, вели Ковачевски.

Тој посочи дека европските вредности „ќе осигураат животен стандард и семејни буџети на европско ниво; продуктивно образование, модерно здравство, функционално владеењето на правото, конкурентност на пазарот на трудот. Ќе поттикнат мотивација. Ќе донесат спокој и среќа“.

„Пред нас е предизвикот – младите да ги сочуваме во земјата. Нашите деца, младите луѓе – тие се иднината на државата. Тие ќе останат во родната земја ако во неа ја гледаат својата иднина“, констатираше премиерот Ковачевски.

Според премиерот, денес патриотизам значи македонскиот дом да го прошириме во европскиот дом, за никој, никогаш повеќе да не биде принуден да зема пасоши на други земји или да ја бара својата егзистенција надвор.

Потоа, тој рече оти антиевропската агенда е спротивна на она што значи патриотизам денес – да си ја сакаш татковината и да вложуваш во нејзиниот развој.

„Затоа што токму антиевропската агенда води кон живот надвор, во туѓина – води кон Македонија без луѓе. А само тоа значи закана за македонската држава, македонскиот јазик и македонскиот идентитет. И затоа антиевропската агенда е антимакедонска агенда. Тоа што не успеало за време на илинденското востание во 1903, во НОБ од 1941 до 1944, потоа и за време на распадот на Југославија и во предизвиците на изградбата на државата по прогласената независност во 1991 година – не смееме да дозволиме да се случи денес“, вели премиерот.

Според него, во 2023 година некој, со антиевропската агенда, се обидува да ја врати Македонија во мрачното и мачно минато.

Членството во Европската Унија, како што посочи премиерот Ковачевски, го потврдува, зацврстува и унапредува идентитетот.

„Еднаш освоената слобода и еднаш создадената држава – се чуваат и штитат засекогаш. И затоа, ние, генерациите на денешнината имаме обврска да се справиме со антиевропската и антимакедонска агенда – од каде и да доаѓа таа. И тоа ќе го направиме со нови мудри одлуки, како и досега, коишто отвораат перспективи и овозможуваат напредок на граѓаните и државата“, рече премиерот Ковачевски.

Според него, некој се обидува да ја разниша самодовербата на македонскиот народ, „наметувајки му чувство на жртва, ставајки го во улога на постојано онеправден и зависен од волјата на други и во изолација“, но порачува дека тој некој згрешил во проценките.

Дешниот голем државен празник, 11 Октомври, како што рече премиерот, ја потврдува вредноста на заедништвото. Оцени дека „наспроти овој темел на парламентарната демократија е опасноста што ја носат, за жал сè уште присутните идеи за етнонационализам, придружени со ксенофобија, што во светската современа историска наука се квалификуваат како модерна форма на фашизам“. И порача дека „ние тоа зло во современо пакување имаме обврска да го спречиме да се врати“.

Премиерот Димитар Ковачевски говореше во Куманово пред меморијалниот споменик Спомен Костурница, каде заедно со претставници од Владата, оддаде почит на сите борци низ државата кои ги положиле животите во непокорот кон фашистичкот окупатор и во борбата за слобода.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Електрификацијата на пругата кон Косово падна во заборав

Долгонајавуваната електрификација на пругата кон Косово не се случи ниту во овој мандат на Владата предводена од социјалдемократите. Веќе три години не сообраќа ниту патничкиот воз Скопје – Приштина...