fbpx

Зеленски во ненајавена посета во седиштето на НАТО Алијансата во Брисел

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг му рече на претседателот Зеленски дека „твојата борба е наша борба, вашата безбедност е наша безбедност, а вашите вредности се наши вредности

-

Во време кога НАТО сојузниците се под сѐ поголем притисок да испратат оружје за да ја зајакнат борбата на Израел со терористичката организација Хаманс, претседателот на Украина Володимир Зеленски, за прв пат се приклучи на состанокот на повеќе од 50 министри за одбрана од целиот свет, при што аплираше за поголема воена помош за Украина, објави Асошиејтед прес.  

Неговото присуство во седиштето на НАТО ја нагласи зголемената загриженост за намалената меѓународна поддршка за Кијив во војната против руската инвазија.

Запрашан дали Украина би можела да добие помала воена поддршка поради војната во Израел, Зеленски рече дека кај него постои разбирање за обемот на помош што САД и Европа можат да ја обезбедат. Тој рече дека сам си го поставил тоа прашање и додаде дека мисли дека никој не знае со сигурност, но дека сè уште смета на американската и европската поддршка.

Што се однесува до израелската ситуација, „се разбира, сите се плашат, а мислам дека и Русија смета на тоа, на поделба на поддршката“, додаде тој, одговарајќи на прашања за време на прес-конференцијата со белгискиот премиер Александар Де Кро.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во седиштето на НАТО во Брисел | Фото: NATO.int

„Следниот понеделник ќе го одбележиме 600-тиот ден од нашиот отпор кон целосната агресија на Русија против нашиот народ, против Украина. И денес никој со сигурност не може да каже уште колку дена ќе мора да ја браниме нашата независност и да го браниме нашиот идентитет“, рече Зеленски на собирот на отворањето на состанокот.

„Но, веќе можеме да кажеме неколку работи кои мислам дека се важни. Прво, Путин нема да ја освои Украина. Второ, Русија не може да си дозволи нова трка во вооружување. И трето, демократијата може да ја добие оваа битка“, рече Зеленски.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг му рече на претседателот Зеленски дека „твојата борба е наша борба, вашата безбедност е наша безбедност, а вашите вредности се наши вредности. И ние ќе стоиме на страна на Украина онолку долго колку што е потребно“. Тој посочи дека „ние дополнително ќе ги зајакнеме нашите односи и ќе ѝ помогнеме на Украина да се придвижи кон членство во НАТО“.

Состанокот на украинската одбранбена контакт група, чиј домаќин се САД, се случува кога Украина бара повеќе оружје за да им помогне на своите војници да го вратат теренот од руските сили. Но, политичкиот хаос во Конгресот на САД го запре одобрувањето на новото финансирање на Украина.

Говорејќи додека влегуваше во седиштето на НАТО, Зеленски ја спомена војната во Израел и рече дека Украинците ја разбираат таквата трагедија. Но, тој исто така ја објасни потребата на Украина од системи за противвоздушна одбрана и ракети со долг дострел „за да ја истуркаме Русија надвор од нашата земја“.

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин им рече на новинарите кои патуваа со него во Брисел дека поддршката за Украина продолжува со несмалено темпо. Тој рече дека голем број сојузници ќе објават дека испраќаат дополнително оружје и друга поддршка за Кијив.

Клучно беше барањето за повеќе системи за противвоздушна одбрана и муниција.

Остин рече дека сојузниците за време на овој состанок ќе се фокусираат не само на задоволување на непосредните потреби на Кијив, туку и на планови за координација на инвестициите во идните сили на Украина.

Контакт групата е главниот форум за собирање помош во оружје, опрема и обуки за воените напори на Киев. Се состанува околу еднаш месечно, лично и виртуелно, а ова е 16-ти собир.

Зеленски, кој беше пречекан со аплауз при влегувањето во зградата, веднаш отиде на затворена средба со Остин и генералот на американските воздухопловни сили CQ Браун, претседавач на Здружениот Генералштаб.

По тој состанок, 31 земја сојузничка на НАТО и Украина ќе учествуваат на првиот Совет НАТО-Украина на ова ниво. Форумот беше формално основан во јули како дел од напорите за приближување на Кијив до алијансата. Тоа им овозможува на НАТО и Кијив да разговараат за прашања од заеднички интерес. Новиот пакет на американска помош вклучува ракети AIM-9M за кои Остин рече дека ќе се користат со новиот систем за ракетна одбрана земја-воздух што САД наскоро ќе ѝ го достават на Украина.

Дополнително, пакетот ќе вклучува системи против беспилотни летала, муниција за артилерискиот ракетен систем со висока мобилност (HIMARS), артилерија, опрема за електронско војување, противоклопни системи и повеќе од 16 милиони парчиња муниција од мал калибар.

Како што соопшти НАТО, утрешните дискусии на состанокот на министрите за одбрана ќе се фокусираат на планирање на ресурсите за остварување на одбранбените планови кои беа договорени на самитот во Вилнус.

Најавено е дека тие, исто така, ќе се осврнат на мисиите и операциите на НАТО, вклучително и во Косово и во Ирак, и ќе разговараат за неодамнешната штета на подморската инфраструктура меѓу Естонија и Финска.

Во врска со овој инцидент, генералниот секретар Столтенберг рече дека е „важно сега  да се утврди што се случило и како се случило. Доколку се докаже дека станува збор за намерен напад врз критичната инфраструктура на НАТО, тогаш тоа секако ќе биде сериозно, но ќе биде проследено и со обединет и решителен одговор од НАТО“.

Министрите за одбрана ќе разговараат и за ситуацијата на Блискиот Исток по терористичките напади на Хамас врз партнерот на НАТО Израел. Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант ќе ги информира сојузниците на НАТО за одговорот на Израел.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Одбележани 121 година од смртта на Гоце Делчев

Претседателските кандидати Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова положија цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св.Спас“, по повод 121 годишнината од неговото загинување. „Никој нема право да се...