Меѓународната климатска конференција КОП 27 денеска завршува во Египет, а една од позитивните вести доаѓа од Европската Унија (ЕУ) која се согласи на формирање и финансирање на меѓународниот фонд за загуби и штети што треба да им помогне на најсиромашните земји во светот да се справат со климатските катастрофи, пишува Гардијан.
Драматичната интервенција на ЕУ доаѓа во моментот кога САД и Кина се спротивставија на финансирањето на ваквиот фонд, кој треба да обезбеди финансиска помош за сиромашните земји. Потпретседателот на Европската комисија, Франс Тимерманс рано утрово го поднесе предлогот во име на ЕУ, според кој таа се согласила на формирање на фондот. ЕУ вели дека ги послушала барањата на групата Г-77 земји во развој, за кои основањето на овој фонд е суштинско барање на КОП 27.
Фондот за загуби и штети се однесува на пустошот создаден од екстремните временски услови врз физичката и социјалната инфраструктура на сиромашните земји, како и финансиите потребни за спасување и реконструкција по катастрофи поврзани со климата. Фондот не би функционирал изолирано, туку како дел од мозаикот на решенија што вклучува реформа на мултилатералните развојни банки.
Тимерманс во изјава призна дека ЕУ е неволна за предлогот за формирање на фондот, но и додаде дека самиот фонд мора да биде дел од пакет-договор сосе намалувањето на емисиите на стакленички гасови што ги вклучува и земјите во развој.
ЕУ сака поголема амбиција за намалување на емисиите, со посилни одредби за ажурирани национални планови за намалување на емисиите во согласност со целта од 1,5 степени во Парискиот договор и врв на глобалните емисии до 2025 година, рече Тимерманс.
Австралија го поздрави придонесот на ЕУ, додавајќи дека ќе се вклучи конструктивно во него.
„Сакаме целосно да испитаме како другите институции, како што се мултинационалните развојни банки, можат да комуницираат и понатаму да ја развиваат нивната интеракција со овој фонд“, рече Крис Боуен, австралиски министер за климатски промени.
САД првично се спротивставија на предлогот за формирање на фондот и засега не одговорија по одлуката на ЕУ.
„Но, етикетирањето е важно. Ваквите исплати на другите нации секогаш мора да се опишуваат како општа странска помош, никогаш климатска компензација или репарација, за да се добие поддршка од САД“, изјави Пол Бледсо од Институтот за прогресивна политика од Вашингтон.
Одлуката на ЕУ ја става под притисок и Кина, која досега избегнуваше секаква обврска самата да обезбеди финансии за климатските катастрофи на најсиромашните земји, и покрај тоа што беше најголемиот емитер на стакленички гасови во светот и втор по големина кумулативен емитер.
Би-би-си во својата анализа пишува дека земјите-членки на ОН се длабоко поделени околу финансирањето на помошта за сиромашните земји. Заедно со оваа тема, постојат уште три клучни теми за кои постои неусогласеност.
Длабок раскол меѓу земјите во светот постои околу идејата за постепено укинување на употребата на сите фосилни горива за да се ограничи порастот на просечната глобална температура. Египетските домаќини се обидуваат да постигнат договор меѓу речиси 200 земји по две недели преговори за ова прашање.
Би-би-си пишува дека обемот на поделба е толкав што разговорите може да се надминат во текот на викендот.
Уште едно важно прашање од КОП 27 е одржувањето во живот на порастот на просечната глобална температура под 1,5 Целзиусови степени. Индија и Кина се дел од големите земји кои не се согласуваат по оваа тема, па така нацрт-текстот на документот што треба да се потпише во Египет стои дека светот ќе има за цел да го задржи порастот на глобалната температура „многу под“ 2 Целзиусови степени, наместо досегашните зборови „под 1,5 Целзиусови степени“.
На крајот, британскиот јавен сервис во анализата вели дека не помалку значајно е прашањето за билатералните односи меѓу САД и Кина, нагласувајќи дека недостатокот на соработка меѓу двата најголеми светски емитери на стакленички гасови го попречува климатскиот процес, а наспроти ова, е можноста за одмрзнување на затегнатите односи по средбата на претседателите на САД и Кина.