fbpx

Контраспин: Жалењето на Ковачевски е задоцнето и бескорисно, зијанот е голем

Подзасилено за овој проблем медиумите почнаа да известуваат од почетокот на 2023 г., но и тогаш речиси секоја изјава што доаѓаше од функционерите, дали од МВР или од Влада, беа релативно смирувачки. Верувам дека ќе стигнеме, имаме доволно капацитети и слично

-

Изјавата на Ковачевски дека „мора да се биде реален“ и „тоа е процес кој мора сите заедно да го изодиме“ е спин. Министрите на СДСМ во техничката влада не го предложиле и не го изгласале ова со бесплатните возачки поради висока свест и затоа што „патот треба да го изодиме заеднички“, туку поради претстојните избори, но и уште повеќе, поради реалната опасност државата да биде тужена индивидуално или колективно за надомест на штета, зашто со свое нечинење ги попречила да си го остварат ова свое универзално право и ги изложила на материјална и нематеријална штета, пишува „Вистиномер“.

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Екс премерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, на собир со пензионери од Куманово даде изјава во врска со издавањето на патните и други лични документи при што може да се детектира спин:

Спин: Би искажал и жалење за она што граѓаните го поминуваат. Мора да се биде реален. Не е едноставно да се нема патна исправа. Тоа е процес кој мора сите заедно да го изодиме. Бевме сведоци изминатите четири години, дел од политичарите кажуваа ’немојте да ги менувате документите, ќе го вратиме името’. Сега гледаме дека тие политичари станаа дел од Владата и не велат дека ќе го вратат името назад и дека ќе го сменат Уставот. Таква изјава не слушнав, вели лидерот на СДСМ.

[Извор: 360 Степени – Ковачевски/изјава, датум: 13.02.2024]

Контраспин: Тврдењето на екс-премиерот Димитар Ковачевски дека не било едноставно да се нема патна исправа и дека „тоа е процес кој мора сите заедно да го изодиме“, е извртување на вистината, т.е. спин, зашто, секако, ништо заедничко граѓаните не изоделе заедно со политичарите во последните триесет години (тоа ќе го потврдат сите што паметат од 1990г.), посебно, пак, со политичарите од владејачките СДСМ и ДУИ, а да е поврзано со овој процес на трансформација на личните документи поради Преспанскиот договор (Целата изјава на Ковачевски може да се погледне тука).

Покрај спинот, она дека „изразува жалење“, или дека министрите на СДСМ ќе предложеле на Влада бесплатна замена на возачките и личните карти, по што следуваше и соодветната одлука на техничката влада на Талат Џафери, а ден потоа и партиска фалба од штабот на СДСМ, сето тоа е задоцнето и заличува на лицемерно оправдување, за нешто, за што до вчера и буквално разбрано, кога станува збор барем за сообраќајните и возачките, немаше ниту една назнака дека се случува.

Да потсетиме, иако Преспанскиот договор е преточен во измени на уставните амандмани кои се стапени во сила во 2019 година на 13 февруари, значи цели пет години, првите пасоши со новото уставно име почнале да се издаваат во летото 2021 година и според Ковачевски и според вчерашното признание на вицепремиерот Фатмир Битиќи кој ја образложуваше одлуката на Владата, една од главните причини најверојатно било корона пандемијата.

„Мислам дека првите патни исправи се издавани во јули 2021 година и можеби во овој период требаше поголема медиумска кампања“  – вели Битиќи.

Фер е да се каже вистината, а тоа е дека нема никаква логика сето ова оправдување со короната. Таа дојде „на голема врата“ во 2020 пролетта, а на државата „око не ù трепна“ барем со широка кампања, што вели и Битиќи, да ги извести граѓаните уште после февруари 2019 г. дека треба да се менуваат сите документи зашто рокот на важност ќе им биде до12 февруари 2024 година. (Тоа што се правда Битиќи дека не можеле да имаат кампања зашто бил укинат членот 102 од ЗАВМУ за владиното рекламирање, е спин, зашто Владата ги има и МРТВ и рекламирањето по социјални мрежи од нејзиниот буџет).

Подзасилено за овој проблем медиумите почнаа да известуваат од почетокот на 2023 г., но и тогаш речиси секоја изјава што доаѓаше од функционерите, дали од МВР или од Влада, беа релативно смирувачки. Верувам дека ќе стигнеме, имаме доволно капацитети и слично. Плус, ги зголемија и цените, особено на издавање на лични документи по итна постапка.

Кога веднаш после Нова Година, во јануари соопштија за прв пат гласно дека личните карти ќе важат за домашна употреба, од МВР се правдаа дека тоа го рекле и порано, што не е баш најточна изјава, зашто може да се најде многу ретко, со што имплицитно ги наведуваа граѓаните да ги менуваат во тесен временски период и личните карти.

Но, уште побезобразно делува овој хаос што се направи со сообраќајните и возачките. Бујар Османи како шеф на дипломатијата ги потсети граѓаните дека треба да се менуваат и сообраќајните дозволи само пред една недела, додека новиот технички министер за внатрешни Панче Тошковски ја извести јавноста дека возачките не важат, ама нема да се казнува, исто така, пред околу една недела, за во неделата, 11.02. МВР да соопшти дека ќе се казнува и дека граѓаните ќе имаат проблем со осигурителните полиси, што е и точно.

Ако се земе логиката на Битиќи и на Ковачевски за короната и неможноста да се набавувале обрасци, тогаш тие, заедно со екс министерот Оливер Спасовски, треба да одговорат  зошто немаше информативна кампања и во текот на 2023 за овие документи, па граѓаните со време, кога закажувале за пасош или за лична карта, да закажуваат и за возачки дозволи. Во јавноста проструија изјави и од Тошковски и од Пендаровски, дека станува збор за збор за 270 – 300 илјади возачки со старото име и дека е можно процесот да се заврши до крајот на 2024 г. Зошто тогаш не е покренат со време и после 2019 г. или после пандемијата, еве на крајот од 2022 и цела 2023 г., ако се земат реални оправдувањата на владините функционери. И зошто недостасуваат толку многу стотици илјади обрасци за сите лични документи, ако роковите се планирале професионално и се знаеле однапред капацитетите на двете машини за пасоши и на едната за лични карти и возачки дозволи?

 

Зошто се прави дискриминација за трошоците на граѓаните?

И конечно, за уште една нелогичност и за проблем кој допрва ќе исплива на површина. Доколку државата на свој грб ги презеде прво налепниците, а, сега, после сиот бес и хаос што настана во јавноста, еве ги презема и трошоците за возачките и за сообраќајните дозволи, што се заедно е околу 15-ина евра по редовна постапка, зошто пак граѓаните би ги плаќале личните карти и пасошите кои после февруари 2019 година им се издавани со старото име на државата? Или оние кои платиле за нова возачка дозвола завчера и вчера, а не денеска, на 14-ти февруари? Впрочем, техничкиот министер за внатрешни работи Тошковски синоќа на интервју во ТВ 24 изјави дека доколку државата сака владеење на правото и еднаквост на граѓаните, треба да ги плати сите документи што се издавани и пред 2019 година, како и дека лично тој се залага за таков владин став.

Поради сите овие аргументи, изјавата на Ковачевски дека мора да се биде реален“ и „тоа е процес кој мора сите заедно да го изодиме“ е спин. Министрите на СДСМ во техничката влада не го предложиле и не го изгласале ова со бесплатните возачки поради висока свест и затоа што „патот треба да го изодиме заеднички“, туку поради претстојните избори, но и уште повеќе, поради реалната опасност државата да биде тужена индивидуално или колективно за надомест на штета, зашто со свое нечинење да си го остварат ова свое право, им го ограничила движењето на луѓето и ги изложила на материјална и нематеријална штета . Да не зборуваме за политичките последици по меѓународниот углед и рејтингот на државата.

***

Патем, во оваа иста каша се наоѓа и опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, па ништо чудно што пратениците и министрите од двете партии, поточно речиси од сите партии, покажуваат досега невидено единство по речиси сите прашања во врска со оваа тема. Враќањето на десетици милиони евра од буџетот на граѓаните и преземањето на трошоците за возачките и сообраќајните, е најмалата цена што ќе ја платат сите граѓани во оваа 2024 г.. Конечно, со онаков референдум на кој излегоа 670 илјади од 1,8 милиони избирачи за промена на уставното име, реално и логично беше трошоците од таквиот меѓународен договор да ги сноси самата држава, а не секој граѓанин поединечно и двојно, покрај веќе важечки документи.

Пишува: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Перформанс „Мачката Елеонора“ на 15 и 16 овој месец во МКЦ

н На 15 и 16 овој месец, ќе има две нови изведби на перформансот „Мачката Елеонора“, со почеток од 20 часот, информираат од организацијата „Тииииит! Инк.“. Перформансот, како што...