fbpx

Изборите распишани, партиите ќе најавуваат кандидати во следните две недели

Арбен Таравари обзнани дека ќе влезе во трка за претседателски кандидат. Неговата кандидатура, како што рече, е предлог на Претседателството на АА, со поддршка од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ (ЕСП)

-

По вчерашното распишување на претседателските и парламентарните избори, се очекува политичките партии да почнат со најавување на своите кандидати за двата изборни процеси. На 24 април ќе се одржи првиот круг на претседателските избори, а на 8 мај ќе се одржат парламентарните избори, заедно со вториот круг на претседателските избори.

Државната изборна комисија (ДИК) од денеска треба да ги потврди официјалните законски рокови што ќе претходат на подготовката за изборите, кои ќе се одржат на 24 април (прв круг на претседателските избори) и на 8 мај (парламентарни избори и втор круг на претседателските избори).

Левица прва официјално го промовираше својот кандидат, д-р Билјана Ванковска, редовна професорка на Филозофскиот факултет во Скопје. Арбен Таравари од Алијанса за Албанците исто така обзнани дека ќе влезе во трка за претседателски кандидат. Неговата кандидатура, како што рече, е предлог на Претседателството на АА, со поддршка од опозициските партии на Албанците, обединети во коалицијата „Европски сојуз за промени“ (ЕСП), во која учествуваат и партиите Демократско движење, Алтернатива и Движење Беса.

Лекарот д-р Вело Марковски исто така ја најави својата независна кандидатура за претседател.

Актуелниот претседател на државата Стево Пендаровски најави дека во следните пет до десет дена ќе ја донесе одлуката дали ќе се кандидира за втор мандат. СДСМ до крајот на месецот ќе објават кој ќе биде нивниот кандидат за претседател. Според претседателот на СДСМ, Ковачевски, кандидатот за претседател ќе се одбере на едно исклучително високо демократско ниво во партијата.

ВМРО-ДПМНЕ ќе го потврди својот кандидат на партиската конвенција на 2 март, а нивниот јавен повик за кандидати е отворен до 21 февруари.

Во однос на парламентарните избори, СДСМ најави оти ќе оди на избори со коалицијата со која веќе има пратеници во парламентот.

„Со ДУИ и Алијанса за Албанците сме во коалиција, владина коалиција постизборна коалиција, така планираме да продолжиме и во иднина по 8 мај, кога ќе извојуваме победа и кога повторно ќе ја предводиме проевропската коалиција со која до 2030 година ќе станеме земја членка на ЕУ. Но, дали на листите ќе бидеме предизборно заедно тоа сè уште не е дефинирано и финализирано“, изјави лидерот на СДСМ Ковачевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците од утре на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од утре, 29 април, ќе бидат на пролетен распуст. Распустот ќе трае 8 дена, а во училишните клупи ќе се вратат...