fbpx

Вакцината против голема кашлица е безбедна, над 180 милиони дози се дистрибуирани ширум светот

Во С. Македонија секој несакан ефект од кој било лек може да се пријави во МАЛМЕД во одделот за фармаковигиланца. Вакцината досега на европско и светско ниво покажува апсолутно поволен безбедносен профил

-

Единствените луѓе кои зборуваат за некакво криење на бројот на починати како последица на вакцинирањето, е мала група на луѓе кои шират теории на заговори. Во секоја држава вклучително и во нашата, евентуалните несакани ефекти се пријавуваат во одделот за фармаковигиланца при Агенцијата за лекови и медицински средства. Вакцината против пертусис што се администрира кај нас е француска, од фармацевтскиот гигант Санофи Пастер и е дистрибуирана во 180 милиони дози ширум светот. Пред да биде одобрена, поминала бројни клинички тестирања кои го потврдиле нејзиниот поволен безбедносен профил. Од вакцината не се умира, ама пертусис или голема кашлица, може да предизвика смрт кај бебињата, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се споделува фотографија од изјава на професор доктор Драган Даниловски и пишува:

Видете, да, вистина е, не се лажете: тој уште за вакцини зборува. Додека цел свет зборува за криењето на бројот на починати како последица од ваксувањето. Се ќе се обелодени.
Во изјавата Даниловски вели:
Со кој памет и срце родителите не си ги вакцинираат децата и ризикуваат да се задушат од кашлање.
Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, вакцината ДиТеПер којашто се администрира во С. Македонија е Хексаксим, одобрена од Агенцијата за лекови и медицински средства, исклучително безбедна вакцина произведена од францускиот фармацевтски гигант Санофи Пастер која се администрира во цела Европа. Квалитетот на оваа шестовалентна вакцина го покажува и фактот што кога вакциналниот опфат е задоволителен како во некои од изминатите години, бројот на случаи со магарешка кашлица или пертусис бил само 3 деца годишно, што во 2024 година не е случај, бидејќи за нешто над еден месец, има над 25 случаи на заболени со голема кашлица.
Извор Агенција за лекови и медицински средства на Република Северна Македонија (МАЛМЕД)
Хексаксим е вакцина. Вакцините се користат за создавање имунитет, односно одбранбен механизам на организмот против заразни болести. Хексаксим помага вашето дете да создаде имунитет и да е заштитено од дифтерија, пертусис, хепатитис Б, полиомиелитис и тешки инфекции предизвикани од бактеријата Haemophilus influenzae тип Б. Хексаксим се дава кај деца на возраст од 2,4,6,18 месеци и 7 години. По примањето одбрамбениот механизам на организмот по природен пат ќе создаде заштитни антитела против пертусис што претставува високо инфективна болест која ги зафаќа дишните патишта. Пертусис е инфекција на дишните патишта која предизвикува тешки напади на кашлање кои се влошуваат и може да предизвикаат тешки проблеми со дишењето. Нападите на кашлање често се проследени со звук сличен на рикање. Кашлањето може да трае од еден до два месеци или подолго. Пертусис може да е придружена и со инфекција на увото, инфекција на градите (бронхитис) кои може да траат долго време, инфекција на белите дробови, напади, оштетување на мозокот па дури и смрт.
Вакцината против голема кашлица, болест за која Комисијата за заразни болести препорача во Скопје да се прогласи епидемија, а децата кои не се вакцинирани да не се примаат во градинките ако не се целосно имунизирани и ги немаат примено сите дози, е безбедна. Таа е одобрена од МАЛМЕД Агенцијата за лекови и медицински средства. Не е точно дека цел свет зборува за смртни случаи од вакцини, туку само мало антивакцинално движење кое што има за цел да се спротивстави на најсовременото достигнување на медицината, односно на вакцинацијата, го прави тоа. Вакцината ДиТеПер Хексаксим која се администрира во Македонија пред да биде лиценцирана помина широка програма на клинички развој која покажа поволна оценка за нејзината безбедност и имуногеност на секој антиген во неа. Хексаксим првпат е одобрена во 2012 година и во десетте години по нејзиното лиценцирање е широко распространета со повеќе од 180 милиони дози дистрибуирани ширум целиот свет. Широката употреба на оваа шестовалентна вакцина е клучна алатка во контролата на шесте педијатриски инфективни болести глобално, меѓу кои и пертусисот односно големата кашлица.
Вакцината против пертусис не предизвикува смрт, ама големата кашлица може да предизвика малите деца да завршат на респиратор па дури и да предизвика смртен исход.
Вакцината како и секој друг фармацевтски производ има можни несакани дејства кај некои пациенти. Веднаш треба да се обратите кај доктор ако после вакцинацијата на детето му се создаде силна алергиска реакција и тие се јавуваат брзо по вакцинирањето додека пациентот уште е во здравствената установа. Оваа алергиска реакција според упатството на користење може да се случи кај 1 на 1000 луѓе.
Многу чести несакани дејства од вакцината се минливи и благи како губење на апетит, плачење, несоница, повраќање, болка црвенило или оток на местото на инјектирање, нервоза или иритација и покачена телесна температура.
Ретки несакани дејства пријавени кај помалку од 1 од 1000 деца се исип и големи реакции на местото на инјектирање. Многу ретки несакани дејства пријавени кај помалку од 1 на 10 илјади деца се епизоди при кои детето запаѓа во состојба слична на шок при што одредено време е бледо.
Во С. Македонија секој несакан ефект од кој било лек може да се пријави во МАЛМЕД во одделот за фармаковигиланца. Вакцината досега на европско и светско ниво покажува апсолутно поволен безбедносен профил. Болеста голема кашлица може да предизвика смрт и може да предизвика бебето да заврши на респиратор или да развие бронхопневмонија.
Поради сите горенаведени факти објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...