fbpx

Контраспин: Судскиот совет спинува околу оценската мисија на ЕУ

Се разбира, спиновите на СС не се единствени, но за другите спинови околу истата мисија изречени од власта или од политички партии, засега вреди да се издвои само оној на вицепремиерот Бојан Маричиќ, дека испраќање на оценска мисија „е добра работа и порака за СС“, спин кој за дел од експертската јавност е очигледен

-

Многу е голема перцепцијата дека членовите на Судскиот совет (или тој што го пишувал соопштението) мислат поинаку, ама не смее тоа да се каже и дека, всушност, во СС не се нималку задоволни со странска мисија што ќе го оценува, па ќе предлага решенија. Можеби затоа јавноста вчера беше известена со став во форма на соопштение во кое многу се спинува, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Пишува: Теофил Блажевски

Судскиот совет(СС) на 06.07.2023 година излезе со став во врска со најавената оценска мисија на ЕУ за работата на Советот при што може да се детектира спин:

Спин: Судскиот совет високо ги цени напорите на ЕУ, но и личниот ангажман на  Амбасадорот  во изнаоѓање на конкретни  решенија, кои треба да доведат до тоа  оваа институција да може докрај да ги оствари своите законски надлежности, но и уставната мисија која е  во функција на  штитење и промовирање на независноста, професионалноста и интегритетот на судството и на судиите.

Членовите изразуваат  целосна подготвеност  за отворена и транспарентна соработка со  надворешни и  домашни непристрасни  и објективни експерти, бидејќи сметаат дека  само на тој начин ќе се добие многу  пореална  и вистинска слика  за  функционирањето   и начинот на одлучување во Судскиот совет.

Од Судскиот совет   изразуваат  голема загриженост  од фактот што во изминативе недели, ова тело е изложено на  жестока и неаргументирана  медиумска и  политичка кампања, како и  притисок од невладиниот сектор со отворени повици за оставки, со  намера комплетно да се  дезавуира кредибилитетот  на членовите, но и  угледот на институцијата во  целина…

Членовите  се свесни за  лошата перцепција што е креирана  во јавноста во изминатите месеци, но одбива да прифати дека  работи нелегитимно и се носат  незаконски  и неаргументирани одлуки, со кои наводно се штитат нечии лични или партиски интереси…

[Извор: Судски совет – Соопштение ; датум – 06.07.2023]

Контраспин: Соопштението на Судскиот совет во врска со веста што на јавноста ѝ ја презентираше ЕУ амбасадорот во Скопје, Дејвид Гир за испраќање оценска мисија на Унијата за работата на Советот, е полно со спинови, т.е. со извртувања на вистината. На пример, во првиот пасус од ставот, Судскиот совет вели дека „високо ги цени напорите на ЕУ, но и личниот ангажман на Амбасадорот во изнаоѓање на конкретни  решенија, кои треба да доведат до тоа оваа институција да може докрај да ги оствари своите законски надлежности, но и уставната мисија која е во функција на  штитење и промовирање на независноста, професионалноста и интегритетот на судството и на судиите.“

Со овој став во кој е ставено зборчето „докрај“ – демек работиме ама треба уште – Судскиот совет де факто самиот признава дека не ги исполнува во целост своите законски надлежности, дека не ја остварува, (докрај), својата уставна мисија за штитење и промовирање на независноста, професионалноста и интегритетот на судството и на судиите. Она што не го појаснуваат во ставот од Судскиот совет се две работи – колку е тоа докрај, колку недостасуваат во проценти, да речеме, 30, 50, 70… проценти, за да ја исполнат целосно својата законска надлежност и уставни овластувања. И втората, кои се причините за тоа? Дали се во Законот, дали се во материјално финансиските услови, дали се во преголем квантум на работа, а премалку членови на Судскиот совет (можеби треба не 15 туку 30 члена да има ова тело)…или пак, станува збор за притисоци од политичари, бизнисмени и делови од т.н. судиска елита.

Перцепцијата дека работата на Советот е лоша е доминантна и градена врз аргументи

Впрочем, овој нивни став (првиот) во вчерашното соопштение е во целосна спротивност со четвртиот став дека членовите биле „свесни за лошата перцепција што е креирана во јавноста“ (значи некој намерно креира таква перцепција), „но одбива (советот или членовите?), да прифати дека работи нелегитимно и се носат незаконски и неаргументирани одлуки, со кои наводно се штитат нечии лични или партиски интереси“. Значи сакаат да кажат од Советот или тој што го пишувал соопштението, дека СС работи законски и се носат аргументирани одлуки и не се штитат лични или партиски интереси. Ама не докрај, нели, како што стои во погорниот став што го анализиравме. Со што, повторно се потврдува спинот или извртувањето на вистината.

Понатаму, Судскиот совет вели дека „изразуваат  целосна подготвеност  за отворена и транспарентна соработка со  надворешни и  домашни непристрасни  и објективни експерти, бидејќи сметаат дека само на тој начин ќе се добие многу пореална и вистинска слика“ за нивната работа.

Тогаш нека ги кажат поименично, кој им одговара како „непристрасен“ и „објективен“ од странците ама и од домашните експерти. Бидејќи во последните две – три години, освен за носењето правилници и процедури за разни постапки во Советот, во јавноста не може да се сретне некој од домашните експерти, па и од странските експерти, кој позитивно се изразува за работата на Судскиот совет. Вклучувајќи и поранешни врховни или апелациски судии кои имаат храброст отворено да зборуваат во јавноста. А оние, мнозинството судии што не собираат храброст, во две анонимни анкети спроведени во 2021 од Коалицијата „Сите за правично судење“ (види стр.7) и во 2022 година на ОБСЕ, а презентирана во јуни 2023, во големо мнозинство изразуваат недоверба во Судскиот совет и не го чувствуваат како тело што треба да служи во нивните интереси.

И затоа, кога Судскиот совет во својот став во третиот пасус, „изразува  голема загриженост  од фактот што во изминативе недели, ова тело е изложено на  жестока и неаргументирана  медиумска и  политичка кампања, како и притисок од невладиниот сектор со отворени повици за оставки…“, повторно спинува. Зашто, во никој случај не може да се каже дека е неаргументирана, ако речиси целата експертска јавност беше согласна дека смената на поранешната претседателка Весна Дамева беше многу проблематична од аспект на Законот. Ниту пак СС има право да наведува дека притисокот од невладиниот сектор е нешто што е срамно, недозволиво или незасновано на факти (очигледно најмногу им пречи Коалицијата „Сите за правично судење“). Со ваквиот став Судскиот совет – сите членови или пак, оној што го пишувал соопштението – покажуваат огромно непознавање на суштината и на критиките од медиумите и на критиките од стручната јавност (универзитетски професори, независни експерти, итн.) и на граѓанскиот сектор, кој е целосно легитимен да изразува критики базирани врз анализи, анкети, студии, итн.

Но, судската власт се чини од поодамна не сака критики и тоа се покажа кога некогашната претседателка на Врховниот суд Лидија Неделкова во 2015 г. го обвини ОБСЕ дека манипулира со анкетите. Кога се зборува за овој состав на Судскиот совет, во врска со анкетата на ОБСЕ, актуелниот претседател Сашко Георгиев наместо да ги искоментира резултатите тој ги повика оние 70 отсто од анкетираните судии што не му веруваат на Советот да се обратат до СС и да ги пријават притисоците, а своите колеги ги нарече судии без интегритет.

Гир: СС не си ја врши работата

Конечно, кога се анализира работата или ставовите на Судскиот совет и причините за потребата од оценска мисија, што, всушност, кажа амбасадорот Дејвид Гир, кого Судскиот совет „многу го цени и ги поздравува неговите напори“:

Мислам дека турбуленции е вистинскиот збор за тоа. Го следиме тоа одблиску со голема загриженост. Судскиот совет треба да игра многу значајна улога. Тој треба да ја штити и промовира независноста, професионализмот и интегритетот на судството. Тое е неговата работа. Јасно е дека не го прави тоа. Неодамнешните случувања се многу загрижувачки – изјави амбасадорот Гир.

Оттука, многу е голема перцепцијата дека членовите на Судскиот совет (или тој што го пишувал соопштението), мислат поинаку, ама не смее тоа да се каже и дека, всушност, во СС не се нималку задоволни со странска мисија што ќе го оценува, па ќе предлага решенија. Можеби затоа јавноста вчера беше известена со став во форма на соопштение во кое многу се спинува.

Се разбира, спиновите на СС не се единствени, но за другите спинови околу истата мисија изречени од власта или од политички партии, засега вреди да се издвои само оној на вицепремиерот Бојан Маричиќ, дека испраќање на оценска мисија „е добра работа и порака за СС“, спин кој за дел од експертската јавност е очигледен.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците од утре на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од утре, 29 април, ќе бидат на пролетен распуст. Распустот ќе трае 8 дена, а во училишните клупи ќе се вратат...