fbpx

Случајот „Комунална хигиена“ на виделина го извади сето ѓубре

Во целосен хаос и блокада помина викендот во главниот град, откако вработените во „Комунална хигиена“ почнаа протести и не го чистеа ѓубрето, Скопје почна да наликува на депонија, а надлежните институции топката, преку политички препукувања, си ја префрлаа едни на други. Најдебелиот крај од сето ова, го извлекоа граѓаните

-

Во целосен хаос и блокада помина викендот во главниот град, откако вработените во „Комунална хигиена“ почнаа протести и не го чистеа ѓубрето, Скопје почна да наликува на депонија, а надлежните институции топката, преку политички препукувања, си ја префрлаа едни на други.

Вработените во „Комунална хигиена“ и вечерва се пред јавното претпријатие и протестираат, барајќи оставка од директорката Косана Мазнева-Николиќ, бараат да се вратат на работа отпуштените работници, да им се зголемат платите, бенефициран стаж и исплата на К-15.

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска три дена не се огласи во јавноста, а вечерва по состанокот на кризниот штаб на Град Скопје таа рече дека „мафијашки структури веќе неколку дена ја блокираат работата на Комунална хигиена поради свои лични интереси“. За случувањата таа го обвини и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, велејќи дека „таквите политичари се најголемото ѓубре на градот“, а рече и дека дел од луѓето што протестираат, не доаѓале на своите работни места.

Фото: Принтскрин, видео во живо, Град Скопје

„Се работи за лица кои повеќе од 15 години работат само една смена и тоа трета смена во претпријатието, спротивно на Законот и колективниот договор. Поголем дел од нив воопшто не се појавуваат на своите работни места и не ги извршувале своите работни обврски. Сега истите ја блокираа работата на комуналното претпријатие и не дозволуваа никој да ги извршува своите работни задачи. Иако нема најавено штрајк и поголем дел од нив веќе не се вработени во претпријатието сепак тие извршија мафијашка блокада. Морам да констатирам дека директорката Мазнева беше во право кога најави дека поради ова насилство врз граѓаните на градот Скопје ќе се појават стаорци по улиците – и тоа се случи. Погледнете ги само како инструирано и договорно настапуваат политичките партии. Вчера ниту институциите не успејаа да ја прекинат незаконската блокада на претпријатието“, рече Арсовска.

Таа додаде во функција е ставен кризен штаб од скопските јавни претпријатија, кој има за цел да ја одржува хигиената во главниот град кои се излезени на терен и активно чистат.

„Јавното претпријатие Комунална хигиена веќе се враќа во нормала, функционира смената и се надеваме дека веќе од утре ќе работи со целосен капацитет. Град Скопје и покрај сите блокади и пречки ќе продолжи со реализација на програмата, нема да дозволиме личните интереси на малкумина, на мафијаши, бандити и нивните партиски пријатели да бидат пред колективните интереси на сите граѓани. Заврши времето кога јавните претпријатија беа третирани како нечија лична приватна сопственост и наместо за интересот на граѓаните работеа во интерес на малкумина“, изјави Арсовска.

За крај, таа му порача на Христијан Мицкоски дека „вечерва е разобличен“ бидејќи за евтини политички поени сака да креира проблеми за граѓаните кои потоа се претставува дека ги решава и расчистува.

„Таквите политичари се најголемото ѓубре на градот кое ние ќе го исчистиме“, рече Арсовска.

Градоначалници собираа смет, во Дрисла не им беше дозволено да го истоварат

Дел скопски општини со помош од другите градови вечерва излегоа да го чистат Скопје откако состојбата со ѓубрето стана алармантна. Градоначалниците на Кисела Вода и на Аеродром, Орце Ѓорѓиевски и Тимчо Муцунски со најмени камиони од Општина Кавадарци и со механизација на општините доцна вечерта излегоа на терен. И градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски објави дека утре сами ќе го чистат ѓубрето оти ситуацијата е алармантна.

Сепак, кога Ѓорѓиевски и Муцунски пристигнаа во „Дрисла“ за да се истовари ѓубрето, наидоа на затворени врати.

„Апелирам до надлежните во Дрисла да не го попречуваат одлагањето на сметот, бидејќи соодветно на тоа, тие треба да го прифатат истиот и да испорачаат фактура до општините. И од она кое што јас го знам, општините се подготвени тоа да го платат, тој трошок да го сносат иако тие не се надлежни за тоа, надлежно ЈП „Комунална хигиена“, но во интерес на скопјани, во интерес на сето она кое што се случува, општините иако немаат надлежност, сакаат да помогнат во оваа ситуација“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Ѓорѓиевски се огласи на Фејсбук, велејќи дека враќање на ѓубрето во Скопје нема да има, и тоа беше истурено пред Дрисла, „од каде градоначалничката која не сака ниту да го собира, ниту да го одлага, може да го истури во депонијата“.

Од СДСМ во текот на денот се огласија со соопштение и исто како Арсовска, го вперија прстот кон Мицкоски.

„Кога Мицкоски бараше гласови од граѓаните за ДПМНЕ заедно со неговата Арсовска ветуваа модерно Скопје но скопјани добија загаден, нечист и нефункционален град. Вперувањето прст кон некој друг не може да го спаси Мицкоски од одговорност. Лично тој славаше со Арсовска пред Белата палата на денот на изборите, ДПМНЕ го има мнозинството во советот, управните одбори се сите во рацете на ДПМНЕ. Дури и Мазнева е негов кадар, поранешна пратеничка на ДПМНЕ која на директорското место дојде од кабинетот на Мицкоски каде што беше советничка“, изјавија од СДСМ.

Тензична вечер во „Комунална хигиена“

Фото: Порталб

Во текот на вечерта, тензична беше и атмосферата пред „Комунална хигиена“. Вработените не дозволуваа камионите за чистење ѓубре да излезат од дворот, интервенираше и полицијата, а на новинарот на Порталб, Суад Бајрами, полицијата го тргна настрана и тој беше оневозможен да си ја врши работата со оглед на тоа што сите случувања во дворот на јавното претпријатие ги пренесуваше во живо. Случајот ќе биде пријавен во Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Претходно, дојде до тензии во кругот на јавното претпријатие кога пристигна директорката Косана Мазнева Николиќ и ги повика вработените да се вратат во камионите на работа, а тие скандираа „оставка“.

Вработените не дозволуваа камионите за чистење на смет да ја поминат капијата и легнаа на земјата, по што интервенираа специјалци и ги тргнаа демонстрантите на страна. Синдикатот јави дека при интервенцијата на полицијата, повредени се тројца вработени.

Камионите на скопското претпријатие успеаја да излезат од кругот на претпријатието и да се упатат по скопските улици да собираат смет кој не е исчистен од 7 јули.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...