fbpx

Контраспин: Спин е „купувањето“ на гласовите на пензионерите од страна на ВМРО-ДПМНЕ со 5.000 денари линеарно зголемување

Исполнувањето на ова ветување е речиси невозможно, според експертите без загрозување на стабилноста на Фондот или неменување на пензискиот систем

-

Ветувањето на Мицкоски има елементи на спин зошто нема ниту основно образложение како и од каде ќе се успее да се зголемат основиците на пензиите за 330 милиони евра за една година, а да не се загрози стабилноста на Фондот и генерално на пензискиот систем. Зашто на така зголемените пензии потоа ќе следат нови усогласувања со инфлација и со просечна плата, со што вкупната исплата на субвенциите само за пензиите ќе стигне до над 700 милиони евра. Или можеби нема да има нови усогласувања? Зашто Трајко Славески, пак, во исто време најави „нов општествен договор“ со синдикалците и пензионерите, во кој, во исто време, побара да биле умерени во барањата!, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на партиска трибина говорејќи за делови на економската понуда на партијата за следните парламентарни избори во еден момент се осврна на пензиите, при што може да се детектира спин:

Спин: Преку една дебата која што ја водиме во рамките на партијата во изминатиот период и преку оние информации кои што ги имаме за моменталната состојба на буџетот, но и за очекувањата за обврските во периодот што следи можам да кажам дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ во рок од една година линеарно ќе ги зголеми пензиите од 5.000 денари за сите пензионери во Македонија. И ова е ветување кое што сакам да го дадам од оваа говорница, од оваа трибина дека во рок од една година од изборот на влада на ВМРО-ДПМНЕ пензионерите ќе ги добијат линеарно тие 5.000 денари зголемување на пензиите, потенцираше Мицкоски

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ – Мицкоски/веб; датум – 26.11.2023]

Контраспин: Не е првпат ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да имаат различна политика кон пензионерите и не е првпат пред избори да фрчат многу ветувања кон оваа голема категорија гласачи (над 330 илјади пензионери), ама ова ветување на Мицкоски е спин и не е за првпат од ВМРО-ДПМНЕ. Спин е пред сè зашто нема образложение од каде ќе се обезбедат тие пари и што со пензискиот систем генерално и со стабилноста на Фондот, кој тонеше сè до 2018-2019 година поради лошата политика од претходната влада.

Имено, владите на Никола Груевски направија две клучни грешки со пензионерите и Фондот, со што го доведоа истиот во „була“ и зависност од дури 43,7 отсто од средствата да бидат од Буџетот, за да бидат навреме исплаќани пензиите. Меѓу основните причини беше и намалување на основицата за исплата на придонеси од плати наменети за Фондот за пензиско од 21 на под 18 отсто и згора на сè, само 12 отсто од тие пари одеа во првиот столб на исплата на пензиите, додека другите во вториот, со кој исто така имаше злоупотреби, и на почетокот кога се воведе ефективно во 2007 и подоцна, а беа откриени во 2019 година.

Истовремено, од 2013 година започна со примена изменетиот закон со кој се вршеше усогласување во јануари и јули, со што редовно пензионерите добиваа зголемување од по најмалку 600 денари годишно или десетина евра, но во изборни години и повеќе, бидејќи инфлацијата беше занемарлива, а и просечната плата не растеше или растеше бавно.

Кога по смената на власта, новата соочена со притисок од огромната потреба на Фондот, со зголемување на стапката на придонес постепено за по 0,5 процентни поени, па 0,4 проценти, но пред сè со намалување на невработеноста на околу 15 отсто и отворање нови работни места, успеа да го стабилизира Фондот и исплатите од државниот буџет за редовно исплаќање на пензиите од страна на Фондот почнаа да се намалуваат, од половина од потребните пари на околу една третина, како што велат познавачите, со тоа што поради зголемувањето на пензиите во март и во септември другата година издвоените средства за пензии ќе бидат поголеми за најмалку 5,8 милијарди денари или нешто под 100 милиони евра (види предлог буџет за 2024, стр.19), додека истовремено приходите на Фондот за 2023 се очекува да бидат над 900 милиони евра.

Сето ова Вистиномер и Порталб и Мета го третирале во своите новинарски продукти и во времето на Груевски, но и после, вклучувајќи го и спинот од 2019 година, кога ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше за укинување на три годишни зголемувања од по 600 денари, како и на почетокот од 2022 г. кога ВМРО-ДПМНЕ предложи измена на законот, со кој на пензионерите линеарно ќе им се зголемеле пензиите за 20 отсто. За што, само лани ќе беа потребни дополнителни 87 милиони евра за од април до крајот на годината. Впрочем, за попрецизна математика, како и за ставот на експертите за зголемување на пензиите, а системот да остане стабилен, може да се прочита и во ставот на Фајненс тинк од август 2023 година, каде се заклучува дека:

Моменталната состојба со пензиските финансии не дозволува зголемувања на пензиите надвор од предвиденото законско усогласување.

Оттука, не изненадува ова предизборно лицитирање со гласовите на пензионерите од страна на Мицкоски, за што предлошка му беа протестите на пензионерите по општините со барање за линеарно зголемување, особено оној пред Владата и американската амбасада, каде пензионерите практично ја најавија понудата на Мицкоски со нивните јавно истакнати барања за по 5.000 денари линеарно зголемување.

 

На пензионерите по 80 евра плус во 2025, а потоа да бидат „умерени во барањата“

Но, уште еднаш, зошто е оваа понуда спин? Прво и основно нема појаснување од каде ќе се финансираат тие 81 евро линеарно за секој пензионер или на годишно ниво 330 милиони евра. Со сегашните 1,36 милијарди евра вкупно за пензиите (види предлог буџет за 2024), таа сума  би станала близу 1,8 милијарди, а најмалку 700-800 милиони евра директни субвенции од буџетот за Фондот. Исто колку што е предвидено за Фондот за здравство, на пример, а Мицкоски и таму најавува нови вложувања.

Од каде парите, не беше појаснето ниту на партиската трибина од јавно достапните информации по медиумите, а ниту пак, ден подоцна во гостувањето на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски на 24 Анализа, кој едноставно вели ако имало 2 милијарди евра за Бехтел и Енка, ќе морало да се најдат пари и за пензионерите!? И тоа во услови кога ВМРО-ДПМНЕ најавува намалување на данокот на профит за најпрофитабилните, читај банките и други од 10 на само 5 отсто годишно! Што е само дел од понудената нова даночна политика на намалување на даноци (беше ветувано намалување и укинување на ДДВ за многу производи).

Но, како што забележаа и други колеги, постои уште една контрадикција, да не речеме спин, кој што го докажува спинот на Мицкоски. Додека едниот професор Мицкоски, најавува 330 милиони евра за до средината на 2025 година, професорот Трајко Славески, еден од главните креатори на економските политики на ВМРО-ДПМНЕ, на истата трибина најавува нешто друго. Дека ќе мора да се направи нов општествен договор со синдикатите и со пензионерите:

Што треба да се направи, кој е првиот чекор? Ние мораме да постигнеме еден нов општествен договор во соработка со синдикатите и здруженијата на пензионерите. Власта да се обврзе дека ќе води сметка за секој денар дека ќе ја сведе корупцијата на нула, дека расходите ќе бидат ефикасни и ефективни а синдикатите и здруженијата на пензионерите ќе бидат умерени во нивните барања за зголемување на платите и пензиите затоа што мораме да ја скршиме оваа спирала, борба меѓу платите и цените.

Клучни зборови во „новиот општествен договор“ според Славески се „корупција на нула“ и „водење сметка за секој денар“, наспроти „умереност“, читај скромност во барањето на синдикатите и пензионерите.

Нешто што и оваа власт им го порачува и на пензионерите и на синдикалците. Без оглед што овие сегашниве се далелку од тоа да се борат со корупцијата или да се води сметка за секој денар. Но, при проценката треба да се има предвид дека ветувањето на ВМРО-ДПМНЕ „корупцијата на нула“, никој никогаш и никаде не успеал да го оствари. Дури и за пристојно сведување на корупцијата на ниски проценти, требаат години. Останува како извор на приходи „водењето сметки за секој денар“. Но еве, дури и ВМРО-ДПМНЕ веднаш ако се откаже и од 78 отсто зголемување од функционерските плати (кои според впечатокот во јавноста не им падна тешко кога го добија сите политички партии до една), тие 15 -16 милиони евра на годишно ниво се далеку од ветените 330 милиони линеарно за пензионерите за до 2025, а потоа, кога тоа зголемување ќе биде основицата, повторно дополнително ќе треба да се прават усогласувања со порастот на трошоците со живот и со просечната плата.

Со други зборови, исполнувањето на ова ветување е речиси невозможно, според експертите без загрозување на стабилноста на Фондот или неменување на пензискиот систем. По што, непопуларните барања од странство за зголемување на старосниот праг за одење во пензија повторно би станале реалност, или пак, зголемување на придонесите од платите.

Поради сите горенаведени причини може да се оцени дека ова предизборно ветување на Мицкоски има трик елементи во себе, што го квалифицира како извртување на вистината, т.е. спин.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Скопскиoт аквадукт – заборавено наследство затрупано со отпад

Душеци од кревети, теписи, автомобилски гуми, завеси, градежен шут, искршени плочки, пластични пишиња. На ваква слика ќе наидете ако појдете да го посетите Скопскиот аквадукт близу Визбегово, покрај булеварот...