fbpx

Ќе биде ли Вулин нов директор на српската Безбедносно-информативна агенција?

-

Српските медиуми во изминативе денови во неколку наврати пишуваат за можноста досегашниот српски министер за внатрешни работи Александар Вулин да ја преземе директорската позиција во Безбедносно-информативната агенција (БИА). Овој српски политичар е еден од најжестоките руски играчи на политичката сцена во Србија, којшто во август годинава беше во посета на Москва и во неколку наврати изминативе месеци преку изјави ја има потврдено својата про-руска позиција и во украинскиот конфликт.

Иако официјалната одлука не е објавена, порталот „Нова.рс“ викендов објави дека речиси е извесно дека досегашниот министер на српската полиција Александар Вулин ќе стане нов директор на БИА. Ваквата одлука би следела откако досегашниот директор на БИА, Братислав Гашиќ беше соопштено дека ќе биде нов министер за внатрешни работи во идната српска влада. И по повеќе шест месеци од парламентарните избори, Србија нема избрано влада, а претседателот Александар Вучиќ на Главниот одбор на Српската напредна партија викендов ги соопшти имињата на новите министри.

И про-владиниот српски весник „Вечерње новости“ од свои извори викендов објави дека Александар Вулин ќе биде нов директор на клучната српска безбедносно-разузнавачка служба. Инаку, во изминативе неколку месеци овој про-руски политичар во неколку наврати презеде скандалозни потези и даде уште поскандалозни изјави.

Кон крајот на август годинава, Вулин отпатува во официјална посета на Москва за да се сретне со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и со секретарот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев. На средбата со Лавров на 22 август годинава, Александар Вулин порачал дека „Србија која ја води претседателот Александар Вучиќ не го заборава вековното братство“. Тој додал дека Србија е единствената земја во Европа која не вовела санкции против Русија и „не постанала дел од антируската хистерија“, пренесува Н1.

Весникот Данас за руската посета на Александар Вулин во август годинава забележа дека од почетокот на руската агресија врз Украина, единствено тој, унгарски министер од владата на Виктор Орбан и белоруските званичници, биле во својство на министри од европска земја во официјална посета на Руската Федерација.

При посетата во Москва, Александар Вулин од рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу беше одликуван со орден за заслуги за унапредувањето на соработката меѓу Србија и Русија во областа на одбраната. Вулин во Москва доби медал и од руската компанија „Ростех“ за исклучителен придонес во развојот на соработката меѓу српското Министерство за внатрешни работи и „Ростех“ како руски конгломерат на воената наменска индустрија, пишува Н1.

При посетата на официјална Москва, министерот Вулин се сретна и со секретарот на рускиот Совет за безбедност Николај Патрушев, при што на состанокот било истакнато дека во изминатиот период значително била унапредена соработката помеѓу српското Министерство за внатрешни работи и безбедносните органи на Руската Федерација, пишува Радио-телевизија Војводина на 23 август годинава.

За разлика од екстремно блиската соработка со руските власти, досегашниот прв човек на српската полиција имаше неколку преписки со претставници на украинските власти. Откако во март годинава Вулин изјави дека оние кои ја бомбардирале Србија немаат морално право да бараат од Србија да воведе санкции кон Русија“, реагираше Украинската амбасада во Белград.

Од Украинската амбасада тогаш прашаа дали Александар Вулин навистина мисли дека Украина ја бомбардирала Југославија во 1999 година, потсетувајќи го српскиот министер дека Украина била меѓу првите земји кои го осудиле бомбардирањето на Југославија, пренесе весникот Данас.

Александар Вулин во јули годинава водеше јавна преписка и со украинскиот пратеник Олексиј Гончаренко. Досегашниот раководител на српската полиција во изјава за руската новинска агенција РИА Новости рекол дека Србија и нејзиниот претседател Александар Вучиќ немало да бидат превоспитувани од следбениците на Анте Павелиќ и Степан Бандера, пренесе Политика.

Српскиот портал „Нова.рс“ потсетува дека Александар Вулин има партиска функција во Движењето на социјалистите, а законот за српската БИА забранува припадниците на оваа агенција да бидат членови на политички партии. Овој медиум пишуваше дека токму Вулин како министер наредил да се прислушкува руската опозиција што се наоѓа во Белград, а содржината на нивните разговори да се доставува на официјална Москва.

Покрај цврстата врска со Русија, досегашниот министер Александар Вулин со јавни изјави ги навредуваше во неколку наврати припадниците на други нации, нарекувајќи ги хрватите како „усташи“ и албанците како „шиптари“. „Нова.рс“ наведува дека на функцијата директор на БИА не би смеело да дојде политички функционер, а особено не една ваква личност, нарекувајќи го потегот како политичко лудило.

Наспроти прераспределувањето на Александар Вулин на нова функција, досегашната српска министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ во понеделникот јавно се обрати откако беше објавено дека нема да биде повторно министерка во новата влада. Таа пред јавноста рече дека не се согласила да биде нечиј пион. Михајловиќ го повтори нејзиниот став дека местото на Србија е на Запад и во ЕУ, а не на Исток.

„Претседателот многу добро знае каде треба да одиме и какви одлуки да донесеме. Јас за ова тука бев во малцинство како некој кој се залага Србија да биде на Западот а не на Истокот, но тоа не значи дека ние кои сме во малцинство не сме во право. Не знам колку нашата нова влада е проевропска, но е просрпска“, изјави досегашната министерка Михајловиќ откако беше објавено дека нема да биде министер во идната српска влада.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...