fbpx

Иванов и Меркел телефонски разговараа за бегалската криза

-

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска телефонски разговараше со канцеларката на Сојузна Република Германија, Ангела Меркел, околу последните случувања и состојби со мигрантската и бегалската криза по одлуката за затворање на балканскиот коридор.

„Претседателот Иванов ја информираше германската канцеларка за инцидентот што се случи на 14 март 2016 година на јужната гранична линија и за обидот за влез на неконтролиран број мигранти и странски државјани на територијата на Република Македонија. Двајцата соговорници го осудија инцидентот, при што канцеларката Меркел изрази поддршка на борбата против илегална миграција и се согласи дека мигрантите и бегалците мора да го напуштат импровизираниот камп во Идомени. Во тој контекст, Меркел истакна дека мора да престанат обидите за илегално минување на  границата, како и поттикнувањето на илегалната миграција“, стои во соопштението од претседателскиот кабинет.

Претседателот Иванов ја информирал Меркел дека македонските безбедносни сили спровеле навремена, успешна и одговорна акција без употреба на сила и побара итен прекин на практиката на носење дополнителен број мигранти кои би поставувале кампови на самата гранична линија на Република Македонија.

„Македонскиот претседател истакна дека  Република Македонија доследно ќе ја почитува одлуката за затворање на балканскиот коридор за илегални премини и дека македонските безбедносни институции и во иднина ќе продолжат одговорно и професионално да се справуваат со бегалската криза, притоа имајќи ја предвид обврската за хуман третман на бегалците. Во тој контекст македонскиот претседател повторно упати покана до Германската федерална гранична полиција да биде дел од полицискиот контингент на ЕУ на јужната и на северната граница на Македонија. Претседателот Иванов истакна дека Република Македонија и понатаму ќе ги презема сите мерки и активности за да спречи евентуални повторни обиди за илегален влез“, е наведено во соопштението.

Иванов ја истакнал потребата од зголемување на заедничката соработка меѓу разузнавачките служби за заканите и за ризиците, преку дозволен пристап на земјите кои се дел од транзитниот коридор до збирките на податоци на телата на Унијата.

„Во разговорите беа разменети мислења околу можните решенија за мигрантите и за бегалците кои во моментов се затекнати на територијата на Република Македонија и на другите земји од балканскиот коридор, како и за можностите за воспоставување механизам за легална миграција помеѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан. Во телефонскиот разговор соговорниците го поздравија договорот меѓу ЕУ и Турција и изразија надеж дека истиот ќе биде доследно спроведен и ќе даде позитивни резултати во справување со мигрантската криза“, се додава во соопштението од кабинетот на претседателот на државата.

Претседателот Иванов, минатата недела телефонски разговараше со повеќе претседатели и со премиери од земјите членки на Европската Унија и од земјите од балканскиот коридор за мигрантската криза.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...