Тексас ѝ пркоси на федералната влада околу бодликавата жица на границата со Мексико

Иако справувањето со мигранти спаѓа под јурисдикција на федералната влада на САД, гувернерот Грег Абот инсистира да стави бодликава жица на границата со Мексико, со цел да се спречат мигранти да влезат во државата

Фото: Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, CC BY-SA 2.0, via Wikimedia Commons

Гувернерот на Тексас, Грег Абот, најави дека нема да ја почитува пресудата на Врховниот суд и ќе продолжи да ја гради оградата од бодликава жица на границата меѓу САД и Мексико, со цел спречување мигранти да влезат во САД, пренесува Гардијан.

Во понеделникот, Врховниот суд донесе одлука (со пет гласови за и четири против), со која го потврди правото на федералната влада да може да ја спречи градбата на дополнителна бодликава жица на границата меѓу двете земји.

Федерални агенти оваа недела добија дозвола да ја тргнат оградата, бидејќи спроведувањето на законот во врска со мигрантите спаѓа е во јурисдикцијата на федералната влада, како што стои во пресудата „Аризона против САД“ од 2012 година.

Но, според Републиканецот Абот, ништо не го спречува да ѝ нареди на Националната гарда на Тексас едноставно да продолжи со градбата на оградите.

Абот се повикува на ставката за „инвазии“, која им овозможува на индивидуални држави во САД да имаат поголема јурисдикција врз бранењето на своите граници во случај на инвазија. Но, организациите за човекови права велат дека е проблематично и едноставно некоректно да се нарече наплив на имигранти – „инвазија“.

„Ја поддржуваме пресудата на Врховниот суд дека само федералната влада има јурисдикција за сите гранични и имиграциски прашања. Политичките акробации на Абот го чини американскиот народ милиони долари и не постигнуваат ништо за да се реши хуманитарната криза на границата. Да не зборуваме за човечката трагедија на смртни случаи на невини жени и деца на ѕидовите од бодликава жица“, изјави Доминго Гарсија, претседателот на Лулак, мексиканска организација за човекови права.