fbpx

Италијански новинар казнет бидејќи искористил пцост за да ја опише премиерката Мелони

Реномираниот новинар Роберто Савијано во 2020 година ја опиша сегашната премиерка Џорџа Мелони, тогаш само пратеничка, како „bastarda“ („копиље“) кога ги опишувал нејзините политики во врска со миграцијата

-

Познатиот италијански новинар Роберто Савијано доби казна од 1.000 евра за клевета поради тоа што ја нарекол премиерката Џорџа Мелони „bastarda“ („копиле“) на телевизиска емисија во 2020 година, известува Гардијан. Мелони тогаш сѐ уште била само пратеничка, а Савијано ја изустил пцоста кога зборувал за нејзините политики во врска со миграцијата.

„Со оваа пресуда излегуваат на виделина предизвиците со кои се соочуваат писателите и новинарите во нивната потрага по слободно изразување и ни укажува на критичната важност на бранењето на правата на писателите и на слободата на говорот – во Италија и пошироко“, рече Сабрина Тучи од асоцијацијата Пен интернешнл, која се занимава со заштита на правата на писатели и новинари ширум светот.

Изјавата поради која е осуден италијанскиот новинар ја кажал на ТВ интервју во 2020 година, кога тој остро ги критикуваше Мелони и Матео Салвини, друг крајно-десничарки политичар, поради ширењето паника околу хуманитарните бродови кои спасуваа мигранти во Средоземното море. Конкретно, во разговорот се спомна смртта на шест-месечно бебе.

„Сите срања искажани за невладините организации, морските таксија, бродовите за мигранти. Сè што можам да кажам е: копилиња, како можевте? Мелони, Салвини: копилиња“, гласи изјавата поради која тој беше казнет за клевета.

Инаку, Савијано е истражувачки новинар, познат по неговата книга Гомора, во која длабоко навлегува во активностите на Камора, Неаполската мафија. Оттогаш тој има добиено неколку закани со смрт од мафијата и е под константна заштита од полицијата, ретко излегувајќи надвор без придружба. Покрај тие закани, тој продолжил да пишува за мафијата, велат во Гардијан, во профил за него од пред неколку години.

„Уценувањето на новинар кој е мета на една од најсмртоносните криминални организации во светот затоа што не се согласува со владината политика не само што е неодговорно, туку и опасно“, велат од Репортери без граници.

По пресудата, самиот Савијано изјавил дека ќе размисли дали да се отсели од Италија.

„Казната е симболична, но таа е само почеток. Пресудата денес е пример за тоа што ќе се случи утре. Ни укажува за состојбата во која живееме, во која извршната власт континуирано се обидува да го заплаши секој кој ги разобличува нивните лаги“, изјави реномираниот новинар.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Полицијата насилно го задуши про-палестинскиот протест на Универзитетот Калифорнија

Стотици полицајци влегоа на кампусот на Универзитетот Калифорнија (УКЛА) денес во обид да го расчистат про-палестинскиот протестен камп, кој вчера беше нападнат од израелски поддржувачи, пишува Гардијан. Се проценува дека...