ЕУ со предупредување до ТикТок за дезинформации поврзани со нападот на Хамас врз Израел

Во писмото до ТикТок се додава дека платформата треба да внимава на својата популарност кај младите луѓе

фото: Solen Feyissa на Unsplash

Европската Унија го предупреди ТикТок за дезинформации што се шират на платформата по нападот на Хамас врз Израел.

Во писмото, ЕУ го повикува извршниот директор на ТикТок, Шоу Зи Чу „итно да ги засили“ напорите и во следните 24 часа да објасни како се усогласува со европското право, јавува Би-би-си.

Социјалните мрежи бележат пораст на дезинформации за конфликтот меѓу Израел и Хамас, вклучувајќи и модифицирани слики и погрешно означени видеа.

Вакви предупредувања претходно добија и „Икс“ и социјалните мрежи на „Мета“ – Инстаграм и Фејсбук.

Во писмото до ТикТок се додава дека платформата треба да внимава на својата популарност кај младите луѓе.

„ТикТок има посебна обврска да ги заштити децата и тинејџерите од насилна содржина и терористичка пропаганда, како и од смртни предизвици и содржини потенцијално опасни по живот“, напиша еврокомесарот Тиери Бретон во објава на „Х“.

Законот за дигитални услуги во ЕУ бара од „големите онлајн платформи“ проактивно да ја отстрануваат незаконската содржина и да покажат дека презеле мерки за да го сторат тоа.

Би-би-си вчера објави и дека на некои еврејски родители, училиштата им рекле да ги избришат социјалните мрежи од телефоните на нивните деца по војната меѓу Израел и Газа. Една од главните грижи се можните споделени видеа од заложници за кои се вели дека може да предизвикаат вознемиреност.

Вакви предупредувања имало не само во Израел, туку и во САД и во Обединетото Кралство, а некои училишта особено ги посочувале ТикТок и Инстаграм како социјални мрежи што треба да бидат избришани.

ЕУ ги предупреди Маск и Закерберг заради дезинформации на социјалните мрежи околу конфликтот меѓу Израел и Хамас