ЕУ ги предупреди Маск и Закерберг заради дезинформации на социјалните мрежи околу конфликтот меѓу Израел и Хамас

Предупредувањата доаѓаат помалку од два месеца откако стапија на сила новите закони со кои се регулира содржината на социјалните мрежи во земјите на ЕУ според Законот за дигитални услуги

фото: Wikimedia Commons / колаж

Европската Унија издаде предупредување до Илон Маск за наводни дезинформации околу нападот на Хамас врз Израел, вклучувајќи и лажни вести и „пренаменети стари слики“ на социјалната мрежа „Х“, порано позната како Твитер.

Писмото со предупредување пристигнува помалку од два месеца откако стапија на сила новите закони со кои се регулира содржината на социјалните мрежи во земјите на ЕУ според Законот за дигитални услуги, пренесува „Гардијан“.

Доколку Маск, сопственикот на „Х“ не се придржува до правилата, може да се соочи со парична казна од 6 отсто од приходите на социјалната мрежа или пак со нејзино целосно исклучување во Унијата.

Еврокомесарот Тиери Бретон го повика Маск да обезбеди брз, точен и целосен одговор на барањето да го контактира Европол – полициската агенција на ЕУ, и релевантните агенции за спроведување на законот.

Според новите закони, компаниите за социјалните медиуми мора да одговорат на жалбите за нелегална содржина во рок од 24 часа. Платформите можат да ги оспорат жалбите на корисниците, но предвиден е и процес на жалба за потрошувачите.

Во Брисел постои загриженост дека „Х“ не одговара во рок од 24 часа на поплаките за дезинформации или други нелегални содржини како говор на омраза во потребното време. Бретон побара од Маск „итно да се погрижи системите да бидат ефективни“ и веднаш да поднесе извештај до ЕУ за кризните мерки што ги презел.

„Х“ беше под лупа во изминатите неколку дена откако се појави загриженост за лажни објави, но и по препораката на Илон Маск за покривање на војната од профили кои содржат лажни тврдења или антисемитски коментари.

Европската Унија го предупреди и Марк Закерберг за ширење на дезинформации на социјалните мрежи на „Мета“ поврзани со нападот на Хамас.

И „Мета“, која ги поседува Фејсбук и Инстаграм, има рок од 24 часа да одговори и да се усогласи со европските закони.

Социјалните мрежи бележат пораст на дезинформации за конфликтот меѓу Израел и Хамас, вклучувајќи и модифицирани слики и погрешно означени видеа.

Портпаролот на „Мета“ за Би-би-си изјавил дека по терористичките напади на Хамас врз Израел во саботата бил воспоставен центар за „специјални операции составен од експерти, вклучително и говорители на хебрејски и арапски јазик, за внимателно следење и одговор на оваа ситуација која брзо се развива“.