Импровизации, изговори и оправдувања од општините за (не)отворање на младински центри

Реалната слика е оти предвидениот законски временски рок ќе биде дефинитивно истечен и во преостанатиот период нема да се случи отворање на функционални младински центри во сите општини, велат од Националниот младински совет на Македонија

фото: Devin Avery на Unsplash

Бавно оди спроведувањето на Законот за младинско учество и младински политики донесен во јануари 2020 година. Иако беше создаден со цел да ги подобри животот и положбата на младите во државата преку креирање на младински центри, локални младински совети, канцеларии и други сервиси за млади на локално и национално ниво, спроведувањето на законот може да се опише со истечени рокови и незаинтересирани институции.

Според Мониторинг извештајот за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), во моментов во државата има шест функционални општински младински центри, и тоа во: Куманово, Велес, Охрид, Пробиштип и Битола. Дополнително, во почетна фаза на започнување со работа е младинскиот центар во Липково, со веќе избрана организација и потпишан договор.

Општините имаат рок до 2025 година да отворат барем еден младински центар, но само 9 отсто досега ја исполниле оваа обврска.

Од Националниот младински совет на Македонија, кој втора година по ред спроведува мониторинг на имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики, велат дека дури и таму каде што има отворено младински центри, повеќето сè уште немаат програми за работа, а не добиваат ниту финансии од општинските буџети.

„Во однос на тоа како функционираат младинските центри, истражувањето покажало дека досега само 3 младински центри имаат своја програма за работа, а кај 2 центра, изработката на програмите е во тек. Дополнително, во дел од општините функционираат младински центри со донаторска поддршка, но без притоа да добиваат финансиски средства од општината“, велат од НМСМ за Мета.мк.

Од НМСМ се децидни дека општините треба да дадат поголем фокус кон имплементирање на оваа законска обврска.

„Она што НМСМ го забележува преку спроведувањето на мониторингот на имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики, но и преку секојдневната комуникација со младите, младинските организации и општините е дека отворањето на младински центар често општините го перципираат како голема инвестиција за која се користи наративот дека општината нема доволно буџет иако самиот закон предвидува издвојување на 0,1% од годишниот буџет на општината за имплементацијата на законот“, велат од Националниот младински совет.

Од таму велат дека, согласно добиените податоци, реалната слика е оти предвидениот законски временски рок ќе биде дефинитивно истечен и во преостанатиот период нема да се случи отворање на функционални младински центри во сите општини.

Процедурата за отворање младински центри и обезбедување на нивниот квалитет се дополнително утврдени со Правилник за стандарди за квалитет на младинските центри, кој е донесен од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС) и е изработен заедно со Сојузот за младинска работа (СМР).

Младинските центри ги основаат општините кои носат одлука за основање, наменуваат простор, распишуваат повик за организации што ќе управуваат со центарот и потпишуваат договор, но задолжени се и со обезбедување на финансиски средства за непречено функционирање на центарот.

И од Сојузот за младинска работа спроведувањето на законот за млади го оценуваат како „многу споро“. Од таму велат дека, наместо да им дадат приоритет на младите, општините наоѓаат изговори и оправдувања.

„Сметам дека не се соодветни развлекувањето и импровизациите, наоѓањето изговори и оправдувања, наместо еднаш да им се даде приоритет на младите! Парите потребни да се издвојат на годишно ниво се неспоредливо мали во однос на резултатите. Јас, ако би била градоначалник, би се откажала од еден фестивал или асфалт за 2-3 улички во корист на Младински центар – простор за младите што секојдневно ќе им биде достапен, ќе имаат едукација, информации, поддршка на нивниот развој, ќе им помогне во спроведување на иницијативи. Наместо да изразувам незадоволство за однесувањата или пасивноста на младите, или нивното масовно иселување, би се обидела да им овозможам повеќе опции дома“, вели Драгана Митровиќ од Сојузот за младинска работа.

Од НМСМ додаваат дека локалните младински организации се клучен партнер за успешно функционирање на младинските центри.

„Бидејќи работат со млади во својата општина, ги препознаваат потребите на младите во општината, но и младите веруваат во нивната работа и активности што може многу да влијае на квалитетот на работа на младинскиот центар. Дополнително, најголем дел од младинските организации се отворени за соработка и подготвени да раководат со младински центар и често се гласни во своите иницијативи потенцирајќи ја потребата од отворање на функционален младински центар во општината во која делуваат. Партнерствата помеѓу општините и младинските организации во поглед на имплементацијата на младинските центри претставуваат модел како може да се зајакне довербата помеѓу младите и институциите“, децидни се од НМСМ.

Согледувајќи ја итноста и важноста на младинските центри, кај младите постои надеж дека Националната стратегија за млади 2023-2027 година, која, како што велат, треба да биде усвоена наскоро, ќе одговори на предизвиците и ќе даде јасни акциски планови за да се забрза формирањето на овие центри низ целата земја.

Од СМР велат дека отворањето на младински центар ќе доведе до позитивни промени во секоја заедница и затоа е потребно општините што поскоро да ја исполнат оваа законска обврска.

„Замислете ако во секоја општина имаме барем еден младински центар – безбеден, достапен и пристапен простор за сите млади во општината, каде ќе има барем еден младински работник/чка (квалификувано лице – оспособено да едуцира, информира, менторира, поддржи, планира и организира настани), каде дневно доаѓаат барем по 10 млади. Дали мислите дека ќе има влијание врз младинското учество, градењето на капацитетите, охрабрувањето на креативноста, критичното мислење и активирањето на младите? Јас сум апсолутно сигурна дека континуирана работа на Младинските центри ќе доведе до позитивни промени во секоја заедница“, вели Митровиќ од Сојузот за младинска работа.

Таа коментира и дека усвојувањето на Законот за младинско учество и младински политики влијаеше и врз признавањето на младинската работа, но и тука има многу работа.

Инаку, во Мониторинг извештајот за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики е нотирано дека не се исполнети и другите законски обврски. Така, сè уште не се формирани Националното собрание за млади и Националното советодавно тело за младински политики, додека локални младински совети има само во 19 општини.

Само една општина правилно формирала канцеларија за млади, додека локална младинска стратегија усвоиле седум општини.

Три години по носењето на Законот за младинско учество и младински политики – младите ниско на агендата

 

Автори:

Никол Клесова

Гоше Николов