Извештај на НМСМ: Слаба имплементација на Законот за младинско учество и младински политики

Сѐ уште не се формирани Националното собрание за млади и Националното советодавно тело за младински политики, додека Локални младински совети има само во 19 општини

фото: Национален младински совет на Македонија (НМСМ)

И после повеќе од три години од донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики, во голем дел истиот сѐ уште не е имплементиран, особено на општинско ниво. Ова е заклучокот на Мониторинг извештајот за имплементацијата на Законот, изработен од страна на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).

Сѐ уште не се формирани Националното собрание за млади и Националното советодавно тело за младински политики, додека Локални младински совети има само во 19 општини, односно во само 23 отсто од вкупниот број општини во државата.

Општините продолжуваат да покажуваат мал интерес за имплементација на нивните законски обврски, а еден од најголемите предизвици претставува формирањето на Канцеларија за млади.

„Само една општина правилно има формирано канцеларија за млади, како место каде младите лица од општината ќе можат да се обратат и да се информираат во врска со прашања поврзани со младите, кои се во надлежност на општината“, велат од НМСМ.

Локална стратегија за млади имаат усвоено само 7 општини, односно само 8 отсто од општините, додека само 4 општини имаат креирано и усвоено акциски план.

Младински центри досега отвориле само 7 општини. Именувани се 57 службеници за млади во државните институции, а 64 во општините. Процентуално, 79 отсто од општините ја имаат исполнето оваа обврска.

Кога станува збор за планирањето на општинските буџети, во 2022 година само 7 општини издвоиле конкретни средства за имплементирање на Законот, додека во 2023 година, 13 општини издвоиле средства за исполнување на нивните обврски.

Националниот младински совет на Македонија изработува ваков мониторинг извештај втора година по ред, со цел да се испита во колкава мера се имплементирани можностите и механизмите младите да влијаат врз процесите за креирање политики и донесување одлуки, кои се предвидени со Законот за младинско учество и младински политики.

Новинската агенција Мета.мк веќе пишуваше дека младите и понатаму се ниско на агендата на државните институции кога во прашање е спроведувањето на овој закон.

Три години по носењето на Законот за младинско учество и младински политики – младите ниско на агендата