Три години по носењето на Законот за младинско учество и младински политики – младите ниско на агендата

Младите се сведоци дека не се приоритет на државата, а недостатокот од имплементацијата на законот само го зацврстува нивниот став

Извор: StockSnap на Pixabay

Новиот Закон за младинско учество и младински политики (ЗМУМП) донесен во јануари 2020 година од Собранието на РСМ, како прво законско решение кое го гарантира младинското учество и ги препознава младите, им даде надеж на младите дека не се заборавени од државата.

Сепак, три години по донесувањето на овој закон, иако општините беа обврзани со рокови за спроведување на обврските кој ги имаат кон младите, спроведувањето остана само приоритет во изборните ветувања, а недостатокот од имплементација на законот само го зацврстува ставот на младите дека се ниско на агендите на носителите на одлуки. Иако во рок од една година по стапувањето на сила на законот, општините требаше да исполнат неколку од обврските кон младите, овој рок истече на 14 јануари 2021 година, а денес – две и пол години по неговото истекување, најголем број од општините сè уште ги немаат исполнето своите законски обврски.

Минатогодишниот Мониторинг извештај за имплементација на ЗМУМП во изработка на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), не им беше од големо значење на општините, а оваа година имплементацијата на законот е на уште пониско ниво од претходните години. Според анализата на НМСМ, во извештаите голем дел од предвидените механизми за младинско учество и сервиси за млади сѐ уште не се имплементирани.

Според податоците кои ги добивме од НМСМ, младински центри има во седум општини, од кои само три младински центри имаат своја програма за работа, а кај два центра е во тек изработката на програмата за работа. Дополнително, само 19 општини имаат формирано локални младински совети, а во 15 општини е во тек процесот на нивно создавање. Дури во 41 општина нема започнато никаков процес, додека шест општини не дале ниту одговор по ова прашање.

Шест локални самоуправи тврдат дека имаат формирани канцеларии за млади и притоа појаснуваат дека со именувањето на службеникот за млади се наведува и неговата улога да раководи со канцеларијата за млади, а во 64 општини се именувани службеници за млади.

Во споредба со минатата година, бројот на младински центри се намалил

Согласно со ЗМУМП, секоја општина има обврска да формира младински центар во рок од пет години од денот на влегувањето во сила на законот. Иако законскиот рок сè уште не е истечен, има мал процент на досега отворени функционални младински центри.

Според одговорите доставени од НМСМ, младински центри има во седум општини (9% од вкупниот број општини), и тоа во општините: Центар, Куманово, Пробиштип, Штип, Велес, Кавадарци и Охрид.

Она што е интересно е што бројот на младински центри годинава „се намалил“ за еден, затоа што во минатогодишниот извештај стои дека осум општини рекле оти ја исполниле оваа обврска. Меѓу општините што лани рекле дека формирале младински центри, а кои не се вклучени во овогодишната статистика се општините Гази Баба, Гостивар, Свети Николе и Чаир.

Иако на годишно ниво општините треба да одвојат 0,1 отсто од својот буџет што ќе биде наменет за младите, дел од центрите функционираат со донаторски поддршки, без да добијат никаква финансиска поддршка од општините.

Во однос на тоа како функционираат младинските центри, истражувањето покажало дека досега само три младински центри имаат своја програма за работа, а кај два центра, изработката на програмите е во тек.

Мал број локални младински совети, незначително поголем од лани

Што се однесува на имплементацијата на Законот за формирање локални младински совети (ЛМС), само 19 општини имаат формирано – девет повеќе од минатата година. Ова значи дека, сепак, само 23 отсто од вкупниот број општини имаат формирано ЛМС во согласност со одредбите од ЗМУМП.

Според НМСМ, во 15 општини е во тек процес на создавање ЛМС, во 41 општина нема започнато никаков процес, додека шест општини не дале одговор. Иако Законот предвидува креирање на локални младински совети во сите 81 општина во земјата, оваа обврска, и по истекувањето на рокот, ја немаат исполнето 62 општини.

Драстично намален бројот на канцелариите за млади, каде работат службениците за млади?

Податоците на НМСМ покажуваат дека бројот на канцеларии за млади се намалил во споредба со лани, односно во пет македонски општини повеќе нема канцеларии за млади. Општините, пак, сметаат дека со именувањето на службеникот за млади се наведува и неговата улога да раководи со канцеларијата за млади.

Дополнителното објаснување што го даваат општините е тоа дека канцеларијата за млади всушност е канцеларијата во која работи службеникот за млади, без притоа да има одлука за нејзино формирање.

Определени општини со одлука алоцирале канцеларија за користење на локалниот младински совет, и неа како таква ја сметаат за канцеларија за млади. И покрај ова нивно тврдење, реалната слика е дека канцеларија за млади, таква каква што е дефинирана во ЗМУМП, постои само во Општина Куманово. Согласно добиените податоци, во 64 општини се именувани службеници за млади. Процентуално гледано, 79 отсто од општините ја имаат исполнето истата обврска.

Остануваат помалку од две години до истекувањето на рокот за спроведување на законот и отворање на најмалку еден младински центар во општините. Времето за извршување на обврските поминува, а младите сè повеќе ја губат надежта дека локалните власти ќе демонстрираат колку им се важни овие законски обврски.