Локалните младински совети само на хартија и во албанските општини во земјава

Општините ги формираа овие совети само колку да ја исполнат законската обврска, иако е многу тешко да се дојде до основните податоци за Локалните младински совети, а нема никакви информации ниту за нивната активност

фото: Гоу Грин

И покрај законската обврска, Локалните младински совети на најголемите општини со албанско мнозинско население во Северна Македонија не се активни и не служат за целта за која се формирани – учеството на младите во креирањето на младинските политики, кои политичарите и партиите постојано ги нагласуваат како нивен приоритет. Општините ги формираа овие совети само колку да ја исполнат законската обврска, но според нашето истражување, многу е тешко да се дојде до основните податоци на овие совети и нема никакви информации за нивната активност, пишува Порталб.мк.

Со усвојување на Законот за младинско учество и младински политики во 2020 година, сите општини имаат законска обврска да формираат Локален младински совет, да имаат Канцеларија за млади, Младински центар, но и Локална стратегија за млади. Според податоците кои ги обезбеди Порталб.мк, младински совети се формирани во општина Тетово, Чаир, Гостивар, Кичево, Дебар и Струга. Но, само Тетово и Гостивар имаат функционални и активни совети.

Пред усвојувањето на законот некои од општините имаа неформални младински форуми, но тие сега се затворени. Со усвојувањето на законот општините се обврзани повторно да ги основаат истите.

Таков е случајот со општина Чаир и Кичево, кои во моментов немаат функционален младински совет. И покрај тоа што со закон се обврзани да ги формираат, во моментов овие две општини немаат Совети.

Од општина Чаир, која брои над 62.000 жители, велат дека се во разговори со претставници на граѓанскиот сектор и некои меѓународни организации за формирање на Локален младински совет и отворање на Дом на млади, но не кажуваат кога може да се основаат истите, и покрај тоа што веќе поминаа две години од вториот мандат на градоначалникот на општината, Висар Ганиу.

„Општина Чаир одржува редовна комуникација со претставниците на граѓанскиот сектор и меѓународните организации за формирање на Локалниот младински совет. Првично се работи на создавање на иницијаторската група која потоа ќе продолжи со следните чекори се до формирање на Локалниот младински совет“ велат од Општина Чаир.

Општина Кичево имала такво тело од 2015 до 2021 година, но сега веќе не е активно. Оттаму информираат дека во наредниот период ќе распишат оглас за избор на нови членови, но не посочуваат никаков конкретен рок.

„Веќе имаме именувано лице и според информациите што ги добивме во координација со него, во наредниот период се планира да се објави повик за избор на новиот состав на Младинскиот совет“, велат од Општина Кичево.

Локалниот младински совет во Гостивар, фотографија од Фејсбук профилот на Советот

Во 2018 година Општина Кичево заедно со Мисијата на ОБСЕ во Скопје го отвори Младинскиот центар, во чиј објект на младите им беше обезбедена просторија. Но, условите не биле задоволителни, и затоа се очекува да се направи реновирање на просторот до формирањето на новиот Младински совет. Исто така, со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Кичево формираше и една младинска стратегија со која се предвидени сите активности што Младинскиот совет требаше да ги преземе до 2022 година.

Во младинската стратегија се опишани потребите и барањата на младите од Кичево, а тие во тоа време беа недостатокот на неформално образование, семинари и обуки, недостатокот на библиотеки и книги, немањето културни настани, вработувањето и иселувањето на младите. Сите овие појави и ден денес се присутни во Кичево.

Од 2 февруари годинава Тетово го формираше Локалниот младински совет кој брои вкупно 9 члена. За претседател на овој совет е избрана Елма Шерифи од Здружението на ликовните уметници. За актуелниот план на Локалниот младински совет на Тетово, Елма Шерифи рече дека во моментов се фокусирани на прашањето за деликвентноста на младите и нивното заминување од државата.

„Актуелниот план на Младинскиот совет е моќна мисија за создавање поубаво и побезбедно Тетово за нашите млади луѓе и за целата наша сакана заедница. Решивме да се фокусираме на прашањата за деликвенцијата и феноменот на иселувањето на младите од градот, бидејќи тоа се најголемите актуелни предизвици со кои се соочуваме како општество. Со нашата голема посветеност и волја за позитивни промени, решени сме да го подобриме животот на младите луѓе и да ја зголемиме безбедноста во нашиот град“, рече Шерифи.

Општините Струга и Дебар немаат Локални младински совети, но и покрај барањето на Порталб.мк, овие општини воопшто не одговoрија на нашите новинарски прашања. Одговор не добивме ниту од Општина Гостивар, која има активен Младински совет на чело со Љеутрим Биљаљи и чија активност може да се следи на социјалната мрежа Фејсбук.

Според Извештајот за надзор на примената на Законот за младински политики  на Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), во самиот закон има нејаснотии околу тоа кој какви надлежностите има и тоа придонесува на доцнење во спроведувањето на овој закон и сè уште не е формирано Националното советодавно тело за младински политики, но Владата донесе одлука според која Агенцијата за млади и спорт, Министерството за труд и социјална политика, Министерството за правда, Министерството за локална самоуправа, Министерството за култура, Министерството за образование и наука, Министерството за здравство и Министерството за финансии треба да го именуваат претставникот на Националното советодавно тело за младински политики.

Што се однесува до формирањето на Локалните младински совети, такви имаат формирано само 19 општини во цела Северна Македонија, во 15 општини процесот на формирање на Советот штотуку е започнат и 6 општини не одговориле на НМСМ.

Во целата држава само 7 општини имаат Стратегии за млади, и тоа: Крива Паланка, Штип, Кочани, Кичево, Теарце, Охрид и Крушево.

Што се однесува до канцеларијата за млади, 6 општини истакнале дека имаат канцеларија за млади, но таква како што е дефинирано во Законот за младинско учество и младински политики има само во Куманово.

Младински центри има и во 7 општини, во Пробиштип, Куманово, Општина Центар Скопје, Штип, Велес, Кавадарци и Охрид.

Во извештајот се набројани и неколку предлози на НМСМ за спроведување на Законот за младински политики, со што се бара одржување на надзорна седница за спроведување на законот од страна на Собранието на Северна Македонија, проценка на капацитетите на Агенцијата за млади и спорт за спроведување на законот, создавање партнерства меѓу Агенцијата за млади и спорт со младинските организации, воведување на кривични казни и создавање механизми за надзор над спроведувањето на законот, како и појаснување на улогата на канцеларијата за млади и како истата треба да функционира.