Прашањето за тоа колку велосипедите се важно превозно средство за граѓаните во земјава повторно се актуелизираше со пламнувањето на бројот на заболени лица од ковид-19. Брзото ширење на корона вирусот преку блиските контакти на граѓаните доведе до сериозни потешкотии во функционирањето на јавниот превоз во градовите, како и до зголемен интерес на граѓаните за користење на индивидуално превозно средство кое не сакаат да го споделуваат со други лица при патувањата.

Никола Крстаноски, професор по јавен градски превоз на Отсекот за сообраќај и транспорт при Техничкиот факултет во Битола, посочува дека проблемите со одвивањето на јавниот превоз во екот на корона вирусот ги затекнал и превозниците и експертите.

– По самата природа на работите, јавниот градски превоз е масовен превоз. Од друга страна, пандемиите го бараат токму спротивното – исклучување на било какво масовно собирање. Во големите градови, каде маси на луѓе имаат потреба на движење на големи растојанија, пак, градскиот превоз е неопходен – вели професорот Никола Крстаноски.

Во периодот на долгите полициски часови, неработењето на школите и факултетите, како и работењето од дома на голем дел од популацијата, и во Скопје бројот на патници во јавниот превоз изминатава пролет беше драстично намален во споредба со тоа колку граѓани вообичаено ги користат градските автобуси. Но, со олабавувањето на мерките за заштита, враќањето на граѓаните на работните места и укинувањето на полицискиот час, се поставува прашањето за тоа како ќе се реализираат патувањата во иднина. Постојат граѓани кои не сакаат да ризикуваат од евентуално заразување со корона вирус во јавниот превоз, па најчесто ги одбегнуваат автобусите.

Од граѓанската иницијатива „На Точак“ посочуваат дека постојат три логични опции. Првата е двојно да се зголеми возниот ред на автобусите од јавниот превоз за бројот на патници соодветно да се распореди. Оваа опција тешко кој град во светот може да си ја дозволи, па и Скопје. Останува опцијата граѓаните да се префрлат од јавен превоз на автомобили и да се зголемат акутните проблеми што ги имавме и досега со ваквиот сообраќај или пак да се развива велосипедскиот превоз.

„На Точак“, заедно со Здружението на граѓани Одржливи иницијативи и со поддршка на 40 формални и неформални иницијативи, уште во април побара интервенции од надлежните власти со кои ќе им се помогне на велосипедистите во нивното движење низ градовите. Тие бараат привремени велосипедски патеки со одземање на цела коловозна лента онаму каде што се главните протоци на луѓе и каде на јавниот превоз му треба најголема поддршка за време на корона кризата, изведба на велосипедски ленти со стеснување на коловозните ленти на улиците, ослободување на тротоарите од паркирање и преземање мерки за намалување на брзината на движење на возилата.

Велосипедската патека на улица „Московска“ служи за паркирање возила; Фото: Бојан Блажевски

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Наместо брзо прифаќање и реализација на ваквите сугестии, кај македонските општини и државните власти се појави збунетост и недостиг на стратегија што да се преземе во моментот. Велосипедистите и пешаците никој не ги брои како учесници во сообраќајот, ниту пак редовно води статистика и извлекува податоци за нивниот пораст или намалување. Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС) во Скопје го брои единствено протокот на возила по улиците. Следствено на ова, не постојат бројки за тоа колкав е бројот на велосипедисти.

Последната сообраќајна студија изработена за Скопје е од 2011 година, а во другите градови од земјава воопшто не е изработен ваков плански документ.

– Бидејќи нема сообраќајни студии, нема ни вистински податоци за велосипедскиот сообраќај, особено не за процентот на патувања со велосипед – укажува професорот Никола Крстаноски.

Од „На Точак“ посочуваат дека постои голем проблем со недостаток на податоци и неразбирање од институциите за важноста да се имаат точни податоци во секое време, како би можеле тие да се анализираат и врз ваква основа да се носат одлуки.

– Нашиот предлог е ЦУКС да се трансформира од центар за броење возила, во центар за прибирање податоци за сите типови сообраќај: вклучително и патувања со автобус, патување со велосипед, пешачење, како и нивно анализирање – велат од граѓанската иницијатива „На Точак“.

Наспроти ова, од Градот Скопје потенцираат дека периодов почнале да го ослободуваат просторот за велосипедисти и пешаци со отстранувањето на 240 билборди и ситилајти од јавните површини. Во моментов се работи на изведба на велосипедска патека на улицата „Св. Кирил и Методиј“ кај Рамстор, каде со намалување на ширината на сообраќајните ленти се обезбеди велосипедска лента на коловозот. Градските власти работат и на поставување столчиња на неколку локации за да се ослободат тротоарите од несовесните возачи, додека годинава биле доделени субвенции за велосипеди во висина од 10 милиони денари.

И онаму каде што има патека, велосипедистите наидуваат на ненајавени препреки; Фото: Бојан Блажевски

Тие велат дека работат на подобрување на условите за користење велосипед, а во моментов ги разгледуваат идеите и иницијативите од други градови во странство кои пронашле начини за обезбедување поголем простор за велосипедистите на улиците.

– Во 2017, 2018 и 2019 година беа изградени и реконструирани повеќе од 30 километри велосипедски патеки. Изминативе неколку години Градот Скопје и ЈП „Улици и патишта“ работат на ослободување на просторот и пешачките и велосипедските патеки од непрописно паркираните возила, каде изминативе две години се поставени повеќе од 5.000 заштитни столпчиња и ослободена е вкупна површина во должина од повеќе од 8 километри – велат за „Мета.мк“ од Град Скопје.

Не постои јавен систем за самоизнајмување на велосипеди 

Еден од главните недостатоци на Скопје и на останатите поголеми градови во земјава е непостоењето на јавен систем за самоизнајмување на велосипеди. Во екот на корона вирусот, ваквите јавни велосипеди можеа да бидат идеална замена за користењето на јавниот превоз за оние граѓани кои одбегнуваат да ги делат затворените простории со непознати лица.

ЈСП – Скопје минатото лето доби за задача да управува со новиот систем за изнајмување велосипеди, но корона вирусот ги затекна градските власти сè уште во процес на подготовка на проектната документација. На 30 локации низ Скопје, треба да се постават терминали за самоизнајмување на велосипеди и 20 држачи за велосипеди.

– Проектирањето на овој проект сè уште не е завршено и токму тие треба да дадат прецизни одговори за тоа на кои локации да се постават пунктовите, каков вид на велосипеди, нивниот број, распространетоста и слично – велат од Град Скопје.

„Еко – свест“ беше дел од тимот што го реализираше проектот „Скопје изнајми велосипед“, којшто веќе трета година по ред не функционира во главниот град. Оттаму велат дека систем за изнајмување велосипеди му треба на Скопје, дури и ако тоа значи делегирање на оваа надлежност на компанија.

– Низ европските градови можат да се сретнат безброј успешни примери на градски системи за изнајмување на велосипеди, повеќето дадени под концесија за управување на приватни компании како партнерство со градот. Сметаме дека ист принцип може да биде успешен и кај нас – потенцираат од „Еко – свест“.

Доколку е проблем висината на финансиските средства што треба да се одвојат, од „Еко – свест“ посочуваат дека може да се набават и половни велосипеди од европските градови кои сигурно нема да чинат толку многу средства.

И професорот Никола Крстаноски посочува дека Скопје не треба да се откажува од системот за изнајмување велосипеди, туку да вложи дополнителни средства во технологија за надзор и следење на велосипедите и да се направат законски измени за поефикасно казнување на граѓаните кои ги оштетуваат јавните велосипеди. Важно прашање е и интегрирањето на јавниот градски превоз со велосипедскиот сообраќај.

– Верувам дека значаен процент на граѓани би откриле најпогодна варијанта за движење, ако со велоспед доаѓаат до стојалиште на ЈСП, таму го паркираат велосипедот и го продолжат патувањето со јавен градски превоз – посочува професорот Никола Крстаноски за можноста да се проектираат стојалишта и станици за јавен превоз на кои ќе има и безбедни паркинзи за велосипеди.

Немаме вело-автопати за поврзување на градовите и руралните средини 

Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата во Охрид во 2015 година ја пласираше идејата една лента од стариот пат Охрид – Струга да се пренамени за велосипедистите. Коловозот на овој пат во меѓувреме се реконструираше, но велосипедистите кои патуваат меѓу двата града или до околните рурални средини не добија засебен простор за движење. Тажен факт е дека Македонија е една од последните земји во Европа што нема изградено велосипедски пат меѓу два града, ниту пак има посебни велосипедски патеки што ќе ги поврзат градовите со околните рурални средини.

Од „Еко – свест“ велат дека работеле на Смарт Охрид проектот за изградба на велосипедска и пешачка патека долж крајбрежјето на Охридското езеро, но за жал тој проект не постанал приоритетен кај властите во моментот. Од „На Точак“ дури посочуваат дека велосипедска патека веќе е изградена од другата страна на крајбрежјето на Охридското езеро во Албанија.

Македонија се наоѓа на Рутата 11 од Еуровело рутите, која минува по течението на реката Вардар и која меѓународна рута треба велосипедски да ги поврзе Норвешка и Грција.

Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ ја потврдуваат ваквата иницијатива за изградба на велосипедски коридор низ нашата земја, но и посочуваат дека досега не е пронајдена прецизна институција која што би работела на развојот на велосипедските патеки на државно ниво. Од ова министерство велат дека изградбата на велосипедските патеки е оставена на општините.

И додека се префрла топката во однос на оваа тема, од институциите нема одговор на прашањето каде ќе се движат велосипедистите кои сакаат од приградска населба или село да се превезат со велосипед во градот, или пак, меѓу два града да отпатуваат со велосипед.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во изминативе години опаднал бројот на домаќинства што имаат велосипед. Лани 33,5 отсто од домаќинствата во земјава поседувале велосипед во своите домови. Сепак, расте бројот на домаќинства кои се занимаваат со земјоделство, а поседуваат велосипед. 47,8 отсто од земјоделските домаќинства во 2019 година имале велосипед, што е раст од над 15 отсто во споредба со 2018 година.

Дури и до некои од подалечните скопски населби нема велосипедски патеки; Фото: Бојан Блажевски

– Бројот на неземјоделски домаќинства кои поседуваат велосипед благо се намалува, а се зголемува бројот на земјоделски домаќинства кои поседуваат велосипед. Занимливо во ситуација кога немаме ниедна патека меѓу рурални населени места – велат од граѓанската иницијатива „На Точак“.

Оттука, не треба да зачудуваат податоците дека во изминативе една и пол деценија двојно се зголемил бројот на сообраќајни незгоди со повредени велосипедисти. Лани загинале тројца велосипедисти, додека 232 возачи и патници на велосипеди биле повредени. Велосипедистите се приморани да се движат по коловозот на патиштата, наместо по велосипедски патеки, а со тоа често се жртви на несовесните возачи. Дури и некои подалечни населби во Скопје, како што се Драчево, Сарај или Радишани, немаат посебни патеки по кои велосипедистите би се движеле до центарот на градот.

– Се надеваме дека нема да го испуштиме прозорецот кој ни го даде епидемијата за брзи прогресивни промени. Возењето точак како поволна активност за физичкото и менталното здравје и со минимален ризик по ширењето на вирусот е препорачано и од светските и од нашите здравствени власти. Следен чекор е да обезбедиме што подобри услови да се прави тоа – поентираат од граѓанската иницијатива „На Точак“ за актуелната можност што ја имаме за развој на велосипедскиот превоз во земјава.