Автомобилите ни се омилени, но опаѓа бројот на домаќинства што имаат велосипед (инфографик)

Лани само 33,5 отсто од македонските домаќинства поседувале велосипед во својот дом, но затоа 65,7 отсто од нив изјавиле дека имаат автомобил. Податоците на Државниот завод за статистика за 2019 година покажуваат рекордни бројки за двете превозни средства, но за жал негативни за развојот на велосипедскиот превоз во земјава. Во изминативе години постепено се намалува бројот на домаќинства што имаат велосипед, при што процентот на домаќинства што го поседуваат ова превозно средство во 2019 година бил најмал во текот на минатата деценија.

Наспроти ова, статистичките податоци покажуваат дека од година во година расте бројот на домаќинства што поседуваат автомобил, при што стапката на моторизација на населението лани била убедливо најголема во споредба со било која година претходно. Кај поседувањето велосипеди и автомобили, предничат токму земјоделските домаќинства. Дури 79,1 отсто од нив рекле дека имаат автомобил, но исто така 47,8 отсто од нив посочиле дека поседуваат и велосипед.

Наспроти нив, само 31,9 отсто од неземјоделските домаќинства лани поседувале велосипед, додека 62,8 отсто од нив имале автомобил. Ваквите статистички податоци за изминатите години се поклопуваат со континуираното зголемување на бројот на регистрирани автомобили во земјава, како и со увозот на нови и половни возила од странство.

Од граѓанската иницијатива „На Точак“ велат дека ваквите бројки за поседување велосипеди по домаќинство не говорат за апсолутната бројка на велосипеди во земјава, бидејќи некои домаќинства имаат и по повеќе од еден велосипед. Исто така, статистичките податоци не го објаснуваат и степенот на користење на велосипедите.

– Интересно е што овие години имаше толку субвенции од повеќе општини низ државата, а се намалува бројот на домаќинства кои поседуваат велосипед?! Ова покажува дека додека кај едни се појавува интерес за набавка, други ги губат велосипедите. Или пак дека велосипедите се земаат од страна на оние домаќинства кои веќе имаат велосипеди – велат за „Мета.мк“ од „На Точак“.

И покрај ова, тие сметаат дека општинските субвенции за набавка на велосипеди направиле добра популаризација за користење на ова превозно средство. Воедно, од „На Точак“ напоменуваат дека статистичките податоци покажуваат зголемување на поседувањето велосипеди кај земјоделските домаќинства, а токму општините не изградиле ниту една велосипедска патека меѓу руралните населени места во изминатиов период. Сепак, од „На Точак“ проценуваат дека во Скопје процентуалното учество на велосипедскиот сообраќај е во пораст во текот на последниве неколку години.