fbpx

И покрај забраната, во градинките и денес се примаат невакцинирани деца

Центарот за јавно здравје има прогласено епидемија и тоа е така, но ние бараме нам писмено да ни се достави документ за да имаме на што да се повикаме, ако веќе враќаме деца и не ги примаме, велат директорки на градинки за Мета.мк

-

Среде епидемија на голема кашлица (пертусис), денеска во градинките се примаат деца без примена вакцина ДиТеПер, односно деца кои не ги примиле сите потребни дози. Мета.мк се јави во неколку градинки, а директорките со кои поразговаравме, рекоа дека не добиле никакво решение од Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) за забрана за прием. Ова се случува иако пред четири дена, од ДСЗИ беа децидни и рекоа дека од денеска нема да се примаат деца со некомплетна вакцинација против голема кашлица.

Александра Јелиќ, директорката на градинка „Срничка“ во Аеродром вели дека денеска во оваа градинка се примаат дечиња без примени сите дози на вакцината, бидејќи не добила решение за забрана за прием.

„Немаме законско право да ги враќаме невакцинираните деца додека не добиеме ‘црно на бело’, решение за забрана за прием. Центарот за јавно здравје има прогласено епидемија и тоа е така, но ние бараме писмено да ни се достави документ за да имаме на што да се повикаме, ако веќе враќаме деца и не ги примаме. Инаку, постојано се ажурираат податоците, бројката на вакцинирани деца постојано се менува, дел од родителите си ги вакцинираат децата“, вели Јелиќ за Мета.мк.

Даниела Темелкова, директорката на градинка „Росица“ во Ѓорче Петров, исто така вели дека децата кои веќе се запишани, а кои не се комплетно вакцинирани, денеска не се враќаат и се примаат во градинка.

„Уште пред околу еден месец, ги известивме родителите по што дел почнаа да ги вакцинираат и ревакцинираат. Во меѓувреме ги примаме сите запишани деца. Очекуваме да добиеме некаков допис на кој можеме да се повикаме“, вели Темелкова.

Лидија Твирст, директорката на градинката „Естреја Овадија Мара“ во Битола, вели дека од вкупно запишани 858 деца, компелтно се вацинирани 776 деца.

„За ревакцина, кај нас за во март се закажани 70 деца. Ревакцинацијата на овие дечиња им се одложила поради различни причини – вируси, настинки и слично. Нашата комисија во рамки на градинката си води точна евиденција и штом ќе помине датумот на закажана ревакцина, ако родителот не донесе потврда дека е примена, детето нема да биде примено. Сите запишани деца во овој момент ги примаме“, вели Твирст.

Мета.мк исконтактира и со неколку градинки во Карпош и во Центар, каде што е најнизок опфатот на имунизација, но директорките со кои поразговаравме рекоа дека не можат да зборуваат зашто очекуваат инспекторите да им дојдат во секој момент.

Инаку, пред четири дена, ДСЗИ најави дека од денеска инспекторите ќе издава решенија за забрана за прием на деца кои немаат примено некоја од потребните дози ДиТеПер вакцина.

„Ќе се задолжат одговорните лица во предучилишните установи да изготват список на сите невакцинирани деца со вакцината. За секое зголемено отсуство да биде известен Центарот за јавно здравје Скопје“, информираа тогаш од инспекторатот.

Министерството за здравство минатата недела му нареди на ДСЗИ да изврши вонредни инспекциски надзори и забрани прием на деца во предучилишни установи кои не се имунизирани со вакцината против голема кашлица.

Членовите на Комисијата за заразни болести, на 5 март, препорачаа да се засили инспекцискиот надзор во градинките за да се види реалната слика со вакцинирани и невакцинирани деца со ДиТеПер вакцина против голема кашлица. Ова следуваше неколку дена откако Мета.мк го отвори прашањето за тоа, дали и колку се почитува одлуката за забрана за прием во градинка за деца кои ги немаат примено потребните дози од вакцината за пертусис.

Педесет новозаболени за само една недела 

Во периодот од 1 до 7 март, пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица со што вкушната бројка на заболени е 173 случаи, покажуваат последните податоци на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Најголем број од случаите се од возрасните групи деца од 10 до 14 години. Најголем број заболени се од Скопје.

Од новите 50 случаи, 5 случаи (10 отсто) се хоспитализирани (4 деца на возраст под 1 година и едно од возрасната група од 1 до 4 години).

Од вкупниот број на регистрирани случаи (173), 102 случаи (односно 58 проценти) не биле вакцинирани, не се комплетно вакцинирани согласно возраста или нема доказ за вакцинација.

Од случаите кои се комплетно вакцинирани, просечно поминато време од последната доза на вакцина до заболување изнесува 11,9 години.

Од почетокот на епидемијата, досега евидентирани се 13.593 деца кои пропуштиле вакцинација. Oд нив, пак, досега вакцинирани се 5.756. Од вакцинираните, најголем број и процент примиле прва ревакцина (2.879).

Вкупниот број на дози вакцина која содржи компонента против голема кашлица, дадени како примовакцинација (I, II, III доза) или ревакцинација (I, II ревакцина), на територија на Скопје, во периодот од 18 јануари до 7 март, изнесува 14.086.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...