fbpx

Хан се надева дека ќе ги убеди скептиците во ЕУ и дека преговорите ќе отпочнат пред летото

-

Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан денеска на Виенскиот економски форум рече оти се надева дека ќе успее да ги убеди скептичните членки на ЕУ да се отворат пристапните разговори со Северна Македонија и оти е уверен дека до тоа ќе дојде пред летото, а дека првите поглавја ќе бидат отворени до крајот на годината.

Хан, зборувајќи на собирот „Новите перспективи на Северна Македонија“ рече дека тоа ќе се случи со поглавјата 23 и 24, кои ќе бидат и последните затворени во пристапниот процес.

Тој повторно ја пофали земјава како единствената што нема билатерален спор со соседите. Еврокомесарот кажа дека во Македонија постои политичка стабилност, оти опозицијата е подготвена за дијалог во парламентот, што, како што констатираше, посакува да се случува и во други земји во регионот.

– Во споредба со другите, ситуацијата во Северна Македонија е подобра, оти таму опозицијата се однесува како вистинска опозиција, конструктивна е и учествува во парламентот и во политичкиот живот, на начин што се очекува во една зрела демократија. Последните претседателски избори докажаа дека е можно заеднички да се напредува – рече Хан.

Премиерот Зоран Заев во воведното обраќање зборуваше за успешно спроведенетите претседателски избори, како и за Договорот од Преспа, којшто резултираше со продлабочување на соработката помеѓу Република Северна Македонија и Грција.

Говорејќи за реформите коишто се во тек, Заев се осврна на судските реформи, реформите во безбедносниот систем и јавната администрација, како и борбата против корупцијата, коишто остануваат врвен приоритет во работењето на Владата.

– Во периодов од 22 месеци откако актуелната Влада дојде на власт, ние ја вративме демократијата и функционалните демократски институции од она што до неодамна беше заробена држава – рече  Заев.

Тој порача дека и државниот врв и огромно мнозинство од населението не гледа друга перспектива освен членство во НАТО и ЕУ.

– Република Северна Македонија нема друга алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО – повеќе од 75 отсто од населението ги поддржува таквите аспирации. Денес сме подготвени и политички и институционално. Ние цврсто веруваме дека заслужуваме одлука заснована на заслуги и веруваме дека и ЕУ ќе испорача – рече македонскиот премиер.

Понатаму, Заев посочи дека 2019 година дека ќе биде година на економијата, како продолжение на економскиот напредок од минатата година.

-Во 2019 година, имаме натамошен раст на индустриско производство од 8,8% во производство, што главно се должи на производството на машини, возила, пијалаци и основни метали. Успеавме да ја намалиме невработеноста под 20% откако сме во Владата. Економскиот раст во 2018 беше 2,7%, по раст од 0,2% во 2017 година. Извозот во првите 3 месеци од 2019 година се зголеми за 16,8% – истакна премиерот.

И тој пред бројните австриски компании и бизнисмени изрази очекување дека ова лето Северна Македонија ќе добие датум за почеток на преговорите, бидејќи, како што рече, земјата и покажа на цела Европа како преку дијалог и соработка се решаваат долгогодишни проблеми.

Тој увери дека и понатаму земјава ќе биде пример за целиот регион, дека земјата и натаму ќе биде сигурна и стабилна и земја којашто се грижи и на инвеститорите им нуди соодветни услови за развивање на својот бизнис.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...