Хакерскиот напад врз АЕК не резултираше со исплата на откуп од 70.000 евра

Директорот на АЕК вели дека хакерските напади кои ги доживеаја институциите во изминатиов период во еден дел биле од комерцијална природа со крајна цел да се побара паричен откуп за напад, но имало и политички мотивирани напади од Русија, Кина и Иран откако постанавме земја-членка на НАТО

Фото: Nikita Belokhonov: https://www.pexels.com/photo/anonymous-hacker-with-on-laptop-in-white-room-5829726/

Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) не им ја исплатила побараната сума од 70.000 до 80.000 евра од страна на престапниците по извршениот хакерски напад пролетва врз оваа институција, открива директорот на АЕК, Јетон Акику во интервјуто за Радио Слободна Европа на македонски јазик.

Директорот на АЕК вели дека го запреле хакерскиот напад многу брзо, иако хакерите побарале откуп.

„Ние имавме еден така да кажам мал инцидент со кој што се справивме брзо, без да имаме некоја последица. И кај другите институции не дека нападите беа толку страшни но најголемиот проблем општо на сите институции, државни особено е што фали кадар, човечки ресурси во смисла на справување со ова. Имаме институции каде што нема ИТ инженер воопшто вработен“, изјави Акику во интервјуто за Радио Слободна Европа.

АЕК беше под хакерски напад на 6 април годинава, при што Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (МКД-ЦИРТ) при АЕК за Мета.мк потврдија дека сајбер-нападот бил прекинат истиот ден.

Од Агенцијата објаснија дека со тогашниот напад немало закана по податоците за корисниците на мобилната телефонија или за корисниците на електронски комуникации во АЕК.

Поради сајбер-нападот врз АЕК, нивните онлајн услуги се привремено недостапни

Директорот на АЕК вели дека хакерските напади кои ги доживеаја институциите во изминатиов период во еден дел биле од комерцијална природа со крајна цел да се побара паричен откуп за напад, но имало и политички мотивирани напади од Русија, Кина и Иран откако постанавме земја-членка на НАТО.