fbpx

Големите производители не носат леб, помалите ја користат шансата [фото]

Свеж леб утрово можеше да се набави во маркетите, но само од помалите производители или од сопственитете пекари на маркетите. Леб печеа и можеше да се набави и во локалните фурни низ Скопје. Леб од поголемите производители утрово немаше во продавниците

-

Скопските маркети утрово не добија леб од големите производители на овој основен прехранбен производ. Мета.мк направи обиколка на продавниците низ неколку скопски населби и заклучокот до кој дојдовме е дека големите производители на леб, како што се „Жито лукс“, „Уни Лукс“, пекара „Диме“ и останатите фабрики, утринава не доставиле свеж бел и полубел леб до продавниците.

Од претпладневната обиколка, свеж леб успеавме да најдеме единствено од помалите производители, а овој производ може да се купи и во пекарите.

Во населбата Карпош 1, свеж леб успеавме да најдеме само во еден маркет. Тие утрово го добиле од производител од Јегуновце, а просторот каде што се наоѓаше во маркетите, се издвојуваше од празните рафтови за леб од останатите производители. Белиот леб од 420 грама од овој производител можеше да се набави по цена од 31 денар. Во двете останати продавници каде што прашавме, од продавачите добивме одговор дека производителите утрово не доставиле свеж леб. Во моментов се трошат залихи од овој прехранбен производ што имаат подолг рок на траење, како што е сечениот леб на парчиња и интегралните лебови.

Мета.мк направи обиколка и во населбата Кисела Вода, а свеж леб единствено имаше во локална пекара. Како што ни изјавија од фурната, свежиот леб брзо бил распродаден. Во трите маркети низ кои минавме во населбата Кисела Вода, единствено пронајдовме леб кој бил донесен од производителите во текот на вчерашниот ден.

Во поголемите маркети низ Скопје утрово можеше да се набави леб од нивно сопствено производство, како на пример во супермаркет во населбата Аеродром, каде што утрово можеше да се купи леб од нивната фурна.

И од обиколката во Чаир, наспроти маркетите каде што немаше достава, свеж леб утрово можеше да се набави во локалните фурни и бурекџилници. Во еден од дуќаните-пекари во Чаир, цената на белиот леб не беше сменета, се продаваше по цена од 35 денари, но леб имаше во доволно количини. Успеавме да најдеме и леб со помала грамажа, по цена од 20 денари.

Одлуката на поголемите производители да престанат со производство на леб и да не го доставуваат во продажната мрежа беше донесена во понеделникот, откако министерот за економија Крешник Бектеши најави замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари. Одлуката за замрзнување на цената на лебот беше донесена вчера од страна на владата.

Во изјава за Мета.мк, големите производители на леб и денеска останаа на истиот став.

„Одлуката ја донесовме во понеделникот. Кој ја почитува, ја почитува, нивно право си е. Не ни може секој да ја почитува. Тие што беа присутни на состанокот во понеделникот претпоставувам дека не вршат достава на леб. Тоа го видов и јас утринава, денешен, тазе леб немаше, само вчерашен. Единствено исклучок се можеби некои помали пекари кои ете, зазеле свој став. За да се донесе нова одлука ќе треба да се свика повторно состанок на предлог на производителите“, изјави за Мета.мк, Горан Малишиќ, претседател на групацијата за мелничко-пекарска индустрија.

Наспроти ваквиот став на производителите, премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека поминал доволен период од последниот пакет мерки за цените да се усогласат.

„Проверките на пазарна инспекција покажаа дека иако компаниите добиваат субвенционирана струја, цените не ги намалија или ги намалија незначително. Неоправдано покачување на цените нема да дозволам. Затоа, на денешната седница оваа мерка ја укинавме. Производителите на основните прехранбени производи ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со струја“, изјави вчера премиерот Димитар Ковачевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...