Мексиканскиот претседател објави фотографија од, како што тврди, митолошко суштество

EneasMx, CC BY-SA 4.0 , via Wikimedia Commons

Мексиканскиот претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор во саботата објави фотографија на своите профили на социјалните мрежи на која, како што напиша, се гледало митолошко шумско суштество слично на елф, пренесе „Гардијан“.

Не изгледа дека претседателот на Мексико се шегувал кога ја објави фотографијата на суштеството наречено алукс – дух на митолошко суштество кој е дел од фолклорот на Маите.

Лопез Обрадор напиша дека фотографијата е направена пред три дена од страна на инженер и дека на неа се чини дека има алукс, додавајќи дека „сè е мистично“.

Според традиционалното верување на Маите, алуксите се мали, немирни суштества кои живеат во шуми и полиња и се склони да им прават трикови со луѓето, како на пример, да им сокриваат работи.

Ноќната фотографија објавена од страна на претседателот на Мексико прикажува дрво со гранка што формира нешто кое изгледа како суштество со коса, додека она што личи на очи веројатно се ѕвездите на небото.

Сепак, на твитот со фотографијата објавен од претседателот, стои ознака од корисниците на Твитер која вели дека фотографијата е стара најмалку две години и не е направена неодамна, како што тврди претседателот.

Античката цивилизација на Маите го достигнала својот врв во перидот од 300 до 900 година од нашата ера, на полуостровот Јукатан и во соседните делови на Централна Америка, но потомците на Маите сè уште живеат на полуостровот.

Како што пишува „Гардијан“, мексиканскиот претседател долго време изразува почит кон домородните култури и верувања. На полуостровот Јукатан во тек е изградба на туристички воз, што е еден од главните проекти на Лопез Обрадор.