fbpx

При судирот на двата воза во Грција не функционирал контролниот систем, човечка грешка довела до трагедијата?

За грчкиот весник „Катимерини“, Василис Завојанис, член на одборот директори на железничката компанија „ТРАИНОСЕ“ објаснува дека не функционирале основните безбедносни мерки што би спречиле железничка несреќа

-

Не функционирале основните безбедносни мерки што би спречиле железничка несреќа, објаснува за грчкиот весник „Катимерини“, Василис Завојанис, член на одборот директори на железничката компанија „ТРАИНОСЕ“, по страотниот судир на два воза пред полноќ во долината Темби во Грција, во близина на туристичкото место Неи Пори, популарна дестинација за летен туризам за македонските и српските граѓани.

Според Завојанис, во таква ситуација, директната причина за несреќата е човечка грешка.

Грција прогласи тродневна национална жалост. На половина копје се и знамињата пред Европската комисија во Брисел, бидејќи ЕУ се солидаризира со Грција во големата трагедија. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис пристигна на местото на несреќата.

Бројката на загинати во судирот на патничкиот и товарниот воз е 36, но се очекува црниот биланс да расте, оти уште има заробени луѓе во купиштата метал. Првите два вагона на патничкиот воз се целосно уништени.

Сценарио со човечка грешка е најверојатно причината за несреќата. Ситуацијата била стравотна, оти 45 минути се обидувале да утврдат на кој дел од трасата точно бил возот.

„Замислете, вчера 45 минути се обидувале да утврдат на кој дел од трасата точно бил возот. Ова е шокантно“, изјави Завојанис, појаснувачки дека меѓу загинатите има деветмина железничари.

Обвинителството почна истрага за причините за несреќата што се случи на подвозникот под автопатот Атина-Лариса-Солун. Уапсен е шефот на железничката станица.

Како што вели Завојанис, причините за тоа двата воза да се најдат на иста пруга е што не функционирале основните безбедносни системи на главната желевничка врска на Грција и возовите во 2023 година функционираат исто како што функционирале пред 30 години.

„Главниот проблем на линијата Атина-Солун е што сигнализацијата и далечинската контрола не функционираат, а тоа се основните безбедносни мерки што спречуваат железнички несреќи. Всушност, клучната железничка линија во земјата, во поглед на безбедноста, зависи само од човечкиот фактор. Нашите возови функционираат како што функционирале пред 30 години. Да се изразам метафорички, тоа е како да имаш пропаст пред куќниот праг. Знаеме каде е и секогаш ја избегнуваме, ама во еден момент сепак ќе паднеме во неа. Тоа се случи и сега“, вели Завојанис за „Катимерини“.

Контролен систем никогаш и не профункционирал на новата делница, што е во функција од 2018 година, односно делот кај долгиот железнички тунел Калидрому. Претходно пругата во долината Темби беше на сосема друг потег, и беше поставена површински.

„За системот за далечинско управување, што никогаш не профункционирал, синдикатите предупредуваа уште од 2018 година. Системот за далечинско управување и сигнализација е важен дел на модернизацијата на оваа линија, но заглави“, вели Завојанис.

Бројката на потешко повредени е најмалку 66 и голем дел од нив се пренесени во најблискиот голем град, Лариса. Таму, на плоштадот, во организација на грчкиот Црвен крст се одвива крводарителска акција за повредените, и десетици луѓе чекаат ред за да даруваат крв.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...