Годинава настава со физичко присуство ќе се одвива во 169 основни и 4 средни училишта

Фото: Арбнора Мемемти

Децата со посебни образовни потреби ќе може да следат настава со физичко присуство, под услов истата да се реализира со мал број на деца во различни смени, со целосно почитување на протоколите дадени од Министерството за образование и наука, одобри Владата на вчерашната седница. Од Владата посочуваат дека училиштата кои имаат интернатско сместување да ги опфатат само своите ученици, при што во една двокреветна соба може да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета може да бидат сместени максимум две лица.

Исто така, усвоен е и Извештајот за работата на Комисијата за разгледување на поднесени барања од страна на основачот на училиштето за организирање на настава со физичко присуство.

„Комисијата предлага согласност за настава со физичко присуство да добијат 169 училишта од кои: 6 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште со одобрение за експериментална настава во основно образование, 15 централни општински основни училишта, 147 подрачни основни училишта. А не исполнуваат услови 32 централни општински основни училишта, 11 подрачни основни училишта и 2 приватни училишта“ појаснуваат од Владата.

Во врска со средните училишта, биле доставени вкупно 66 барања за настава со физичко присуство, од кои Комисијата дала согласност за 4 училишта од кои: 2 државни училишта за деца со посебни образовни потреби, 1 приватно средно училиште, 1 општинско средно училиште. Делумна согласност за реализација само на стручните предмети и практичната настава да добијат 10 училишта (5 уметнички, 4 општински училишта и 1 државно училиште – Спортска академија).

Во меѓувреме општините ги вршат последните подготовки пред стартот на новата учебна година.

На предлог на Комисијата за заразни болести, Владата ги усвои и Протоколот за работа на природните лекувалишта за услови на пандемија, како и Протоколот за работа на едукативните центри, музички училишта и центри/училишта за странски јазици во услови на епидемија со ковид-19.