Француската влада ја таргетираше кинеската апликација ТикТок, но и популарната игра Кенди краш и стриминг платформата Нетфликс, забранувајќи ја нивната употреба на јавните службеници во оваа земја поради загриженост за сајбер безбедноста и приватноста, пишува Политико.
Франција ќе ги спречи службениците да ги преземаат сите видови на апликации за игри и за видео стримање, како и сите платформи на социјалните медиуми. Забраната за нивно користење стапува на сила веднаш, но не е ограничена само на ТикТок. Во однос на кинеската апликација, ваквиот чекор беше очекуван откако претходно европските институциии и земји-членки на ЕУ, меѓу кои е Холандија, донесоа слична забрана за користење на ТикТок.
„Овие рекреативни апликации не се дизајнирани да гарантираат доволно ниво на сајбер безбедност за да бидат распоредени на дигиталните алатки на администрацијата“, рече францускиот министерот задолжен за дигитализацијата Жан-Ноел Баро.
Како што се наведува во соопштението на француската влада, исклучоци може да се определат единствено за цели на „институционални комуникации“.
И владиниот портпарол Оливие Веран месецов рече дека министрите и претседателот Емануел Макрон не можат да преземаат апликации за социјални медиуми, како што се Инстаграм и ТикТок на нивните работни телефони. Тој додаде дека владата работи на рационализирана политика за државните службеници.
Претходно оваа недела, највисоките функционери на Националното собрание на Франција силно ги охрабрија пратениците да ја „ограничат“ нивната употреба на апликации за социјални медиуми и услуги за пораки како што се Инстаграм, ТикТок, Снеп и Сигнал.