Венко Филипче | Фото: Арбнора Мехмети

Новата владина одлука, за групите на јавен простор кои не смеат да бидат поголеми од четворица, ја донесовме откако викендов видовме како паковите се полни со луѓе, рече во изјава за медиумите министерот за здравство Венко Филипче.

„Рестрикцијата во групирањата ја правиме со цел да нема собирања во парковите. После 21 часот видовме дека во паркови имаше големи групи, а тоа не сакаме да се случува. Апелирам до граѓаните, ова е тежок и комплексен период, мораме сите да сме свесни да ги почитуваме мерките, да не излегуваме од дома зашто капацитетите се преотоварени. Потребна е поддршка на здравствените работници и потребно е високо ниво на свест“, рече тој.

Филипче информираше дека засега има пристап до кислород, дека има болнички капацитети, како и дека кадарот е подготвен и функционира со системот за ротација.

„Подготвени сме за периодот што доаѓа. Имаме план за следниот период и имаме распоред за струниот кадар кој ќе работи со ковид-пациенти“, додаде министерот.

Владината одлука за негрупирање ја јавни простори, доаѓа по објавата на Мета во петокот, дека откако кафулињата ќе затворат во 21 часот, стотици млади се собираат во поголеми групи и се забавуваат во Градскиот парк.